fbpx

Заврши собраниската расправа за уставните измени, гласањето одложено

Последно обраќање имаше координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, по што собранискиот спикер Талат Џафери ја прекина работата на оваа седница и информираше дека за продолжението ќе има дополнително известување

-

Собранието на РСМ попладнево ја заврши расправата за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, со кој се предвидува внесување на Бугарите и на уште пет други етнички групи во преамбулата на Уставот. Последно обраќање имаше координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, по што собранискиот спикер Талат Џафери ја прекина работата на оваа седница и информираше дека за продолжението ќе има дополнително известување.

„Констатирам дека претресот е завршен. Тука ја прекинувам работата со оваа седница, а за продолжувањето ќе бидете дополнително известени“, рече претседателот Џафери.

Пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ побараа веднаш да се премине кон гласање за уставните измени.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски попладнево на прес-конференција изјави дека во Собранието нема 80 пратеници кои ќе гласаат за уставните измени.

„Уставни измени не се прават врз основа на натурање и диктат од надвор. Тоа е газење на достоинството и интегритетот на државата, но во исто време и погазување на суверенитетот, бидејќи народот е суверен, а тој во огромно мнозинство кажа не“, изјави Мицевски.

„Прифатија услови за евроинтеграции кои ги немала ниту една земја пред нас, услови кои значат или вечни преговори или асимилација. Ја внесоа со својата кусогледност државата во ќорсокак“, додаде тој.

Пратеникот Мицевски рече дека проблемот лежи во власта, а решението се избори – час поскоро, и промена на власта. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека уставни измени под диктат нема, ама затоа избори мора да има, бидејќи власта била делегитимирана.

Инаку, премиерот Димитар Ковачевски во денешното обраќање пред пратениците во својот говор рече дека денес е денот кога ќе стане јасно кој сака да ја види државата во ЕУ, а кој ја блокира европската иднина на граѓаните, односно кој ќе се заложи државата да оди напред, а кој ќе бега од одговорност.

Собранието на РСМ со 70 гласа „за“, 47 „против“ и без ниту еден воздржан претпладнево го усвоија дневниот ред на 123. седница, на која единствена точка е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот. За опозицијата, гласањето за дневниот ред на денешната седница е доказ дека власта нема двотретинско мнозинство за уставните измени.

Пратеникот Стојан Митрески како координатор на советничката група на СДСМ рече дека е лесно со лаги да се зборува за наводна бугаризација и асимилација, а да не гласа за заклучоци поврзани со преговарачката рамка со кои се обврзуваа оваа влада, следната влада, па и секоја идна влада за целосна заштита на македонскиот јазик, македонската посебност, македонскиот идентитет и култура.

„Изборот е изолација или интеграција во ЕУ. Нема друго. Изолација видовме што донесе 11 години. Освен поделби по секоја основа и стагнација, уназадување. Станавме заробена држава, цели 11 години не мрднавме од место, додека младите ни се иселуваа, земаа пасоши на туѓи земји. Затоа што младите сакаат перспектива, сакаат сигурна иднина и сакаат да живеат во државата којашто е дел од ЕУ. Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став, без визија, кои освен својата фотелја и желба за власт не мислат на ништо друго. Не смееме да дозволиме нова изолација, нови бранови иселувања на младите, нови барања за странски пасоши. Јас сум за интеграција. Пратеничката група чиј координатор сум е за интеграција. СДСМ и сите политички партии застапени во пратеничката група се за интеграција“, изјави пратеникот Митрески.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...