fbpx

Пратениците утре ќе одлучуваат за промените во Законот за основно образование

-

Владата го испрати во Собранието предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование со кој се додаваат нови одредби со кои се регулира начинот на организирањето на воспитно-образовната работа на основните училишта во услови на епидемија прогласена од заразни болести. Пратениците треба да одлучуваат по законските измени на седницата закажана за утре.

Во предлог-законот се наведува дека при подготовка се земени во предвид студии на меѓународни организации како што се Светската здравствена организација (СЗО), Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), Меѓународната фондација на црвениот крст (ИФЦР) и истражувањата поврзани со ковид-19, според кои многу помалку се пријавуваат случаи на заболени деца отколку возрасни лица и дека инфекцијата генерално предизвикува само благо заболување кај нив.

„Тешко заболување заради ковид-19 ретко се забележува кај децата, иако постојат и ретки случаи на критична состојба од заболувањето. Истражувањата покажуваат дека во мал број образовни институции има случаи на заболени со ковид-19, меѓутоа, во тие студии се наведува дека пренесувањето на болеста главно се поврзува со настани каде постои социјализација во училишниот живот, а не пренесување на болеста во училниците“, пишува во предлог-законот.

Во него се додава дека студиите врз основа на статистичките податоци ја потенцираат важноста на локалната епидемиологија при одлучувањето за настава со физичко присуство, но исто така и одговорното и совесното применување на мерките за превенција од ковид-19 во самото училиште.

„За повторно отворање на училиштата, се става акцент на шест димензии кои треба да се земат предвид при планирањето: политики, финансирање, безбедно работење и работна средина, безбедно учење, целосен опфат на сите учениц и добросостојба/заштита. Од друга страна, при одлучувањето за отворање на училиштата во новата 2020/2021 учебна година се зедоа предвид штетите кои може да произлезат од затворањето на училиштата (на пр: ризик од прерано напуштање на училиштето, намалување на можноста да се обезбеди квалитетно образование за сите, посебно за учениците од семејства во ризик, зголемено семејно насилство заради економска несигурност, итн.)“, се вели во образложението на законските измени.

Во предлог-законот меѓу другото се дефинира дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), училиштето организира воннаставни активности за учениците поврзани со нивниот личен, социо-емоционален и психолошки развој.

„За учеството во овие воннаставни активности во вонредни околности наставникот води само евиденција за присуство на учениците, и не се издава додаток на сведителство“, пишува во предлог-законот.

Исто така, се потенцира дека во услови на вонредни околности учебната година може да започне и заврши и во време различно од вообичаеното, за што одлучува Владата.

„Одлуката на Владата може да се однесува на целата територија на Републиката или на нејзин дел. Во услови на вонредни околности бројот на наставните денови во учебната година може да биде помал од 180, но не помалку од 100 наставни денови, за што одлучува Владата“, се вели во предлог-законот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7...