fbpx

Попладнево собраниска седница за владина реконструкција, Алтернатива оди во опозиција

-

Македонското Собрание попладнево од 15 часот ќе ја одржи седницата за разрешување на досегашни министри и заменици од актуелниот владин состав. На 104-тата седница е предвидено да се разрешат министерот за здравство Беким Сали, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора, Џемаил Чупи.

Се очекува на собраниската седница премиерот Димитар Ковачевски да го образложи предлогот за владината реконструкција, по што се очекува пратениците да дебатираат за разрешувањата на министрите.

Како втора точка на дневниот ред, е предлогот на премиерот Ковачевски за избор на нови министри во владата. Кренар Лога е предложен за нов министер кој ќе раководи со Министерството за правда, Фатмир Меџити е предложено да раководи со Министерството за здравство, Азир Алиу да го преземе Министерството за информатичко општество и администрација, додека Каја Шукова е предложена за министер за животна средина и просторно планирање.

На денешната собраниска седница како трета точка од дневниот ред е предложено разрешување на заменик-министрите Башким Хасани од Министерството за одбрана, Абдулшуќур Абедини од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Лулзим Алиу од Министерството за образование и наука.

На нивно место, како четврта точка од дневниот ред премиерот Ковачевски предлага нови заменик-министри: Тирон Јајага во Министерството за одбрана, Викторија Аврамовска-Мадиќ во Министерството за правда, Вјолца Бериша во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Маја Манолева во Министерството за здравство и Агим Нухиу во Министерството за образование и наука.

Инаку, политичката партија Алтернатива синоќа по одржаното централно собрание едногласно одлучи да оди во опозиција. Тие обвинија дека во јануари 2022 година овозможиле стабилизација на владата и создавање на потребното мнозинство за актуелната влада, а со тогашниот претседател на СДСМ потпишале и објавиле политички и кадровски договор, коишто СДСМ не ги спровеле.

„Бидејќи од друга страна имаме партија која не ги исполнува своите ветувања, која не знае што се европски вредности и, дури ни во етичка смисла, не се достојни за партнерство, ние денес одлучивме АлтернАтивА – заедно со тројца пратеници и сите наши структури – отсега ќе биде опозициска партија“, се наведува во соопштението на Алтернатива.

Како опозициска партија, од Алтернатива додаваат дека сепак ќе останат посветени на европскиот пат на земјава и дека ќе ја поддржат секоја агенда во интерес на граѓаните.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претпладнево имаше координација со пратеничката група на најголемата опозициска партија, на која ги зазедоа позициите што ќе ги бранат на собраниската седница. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на состанокот било заклучено оти СДСМ е малцинство во „владата управувана од Ахмети“, посочувајќи дека кадровските решенија се резултат на „пазар 3 коалицијата“.

„Доколку помине оваа реконструкција, Алијанса многу бргу ќе ја дочека судбината на Алтернатива, а Таравари за неколку месеци ќе сфати дека бил злоупотребен и дека трампал тендери за крај на неговата партија и кариера“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата Демократски Сојуз, која е дел од коалицијата предводена од СДСМ и има едно пратеничко место, преку соопштение го потсетија премиерот Димитар Ковачевски на седумте приоритети кои ги афирмирале како партија, а од кои досега ништо не било направено. Тие побараа за програмските барања на Алијанса на Албанците да се информираат партиите и јавноста, бидејќи не биле подготвени да поддржат нов партнер во Владата доколку тој се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...