Има ли разбирачка со чет-ботови – дознајте на дебатата за млади

Чет-ботовите се компјутерски програми дизајнирани да симулираат разговор со друг човек на Интернет. Како такви, можат  да бидат интегрирани на вебсајтови, платформи за пораки и мобилни апликации и да обезбедат брзи и автоматизирани услуги за клиентите, да извршуваат рутински задачи или едноставно да нудат информации и препораки.

Последните неколку години, а особено по лансирањето на „ChatGPT“, чет-ботовите станаа една од најдебатираните појави на современата технологија и феномен кој се очекува да го промени онлајн-искуството на луѓето, и можеби, Интернетот во целост.

Како функционираат чет-ботовите, од каде ги црпат информациите и како одлучуваат кој е вистинскиот одговор на нашето прашање? Каде овие јазични модели во моментов наоѓаат најголема примена? Кои прашања треба да знае еден чет-бот да ги одговори, а кои не? И можеби најважно, кои се етичките дилеми што ги отвора сè поголемата достапност на чет-ботовите?

Што ни носи иднината и како ќе изгледа интернетот, пребарувањето и нашето секојдневие во онлајн свет во кој постојано би комуницирале со чет-ботови?

Ова се дел од прашањата на кои ќе се обидеме да дадеме одговор на дебатата за млади „Има ли разбирачка со чет-ботови?“ што нaредната среда на 22 февруари ќе се одржи во Јавна соба во Скопје, со почеток од 18:00 часот.

Настанот е од отворен тип и на истиот се очекува да присуствуваат млади лица. Сите заинтересирани страни се повикани да го пополнат формуларот за регистрација достапен на овој линк.

Настанот е организиран од Фондација Метаморфозис во синергија со проектот “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA” кој е кофинансиран од Европската Унија, и проектот „Веродостојни вести за оспособена младина“ финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Имињата на говорниците на настанот што ќе зборуваат за најважните и најинтересните прашања поврзани со чет-ботовите ќе бидат објавени деновиве.