!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Берни Еклстоун „исфрлен“ по 40 години, Формула 1 во рацете на „Либерти медиа“


Лондон, 24 јануари, 2017 - 10:40 (META) 

Берни Еклстоун, кој беше на врвот на Формула 1 речиси 40 години, сега е само почесен претседавач и советник на одборот на директори, откако „Либерти медиа“ го заврши преземањето на Формула 1 почнато во септември лани, јавија светските медиуми.

Функцијата главен извршен директор што ја извршуваше Еклстоун сега е во рацете на претседателот на компанијата, Чејс Кери. Еклстоун во понеделникот изјави дека е „исфрлен“.

– Бев отпуштен. Официјално. Повеќе не ја водам компанијата. Мојата позиција е преземена од Чејс Кери – рече Еклстоун за „Ауто мотор унд спорт“.

„Либерта медиа“ го почна преземањето на спортот во септември лани, а зделката беше завршена вчера. Сега „Либерти медиа“ ќе биде преименувана во „Формула 1 груп“.

Берни Еклстоун, поранешен шеф на тимот на „Брабам“, го почна пробојот во 70-тите години на минатиот век како претставник на колегите во преговорите со пистите, телевизиите и властите и полека се искачи до позиција на речиси апсолутна власт. Ја одигра пресудната улога во преобразувањето на Формула 1 од релативно споредна активност во еден од најгледаните спортови, покрај Олимписките игри и Светскиот куп во фудбал.

Еклстоун ја преобрази Формула 1 во спорт кој според една од најголемите медиумски групации на светот, сега вреди 8 милијарди американски долари. Тоа го стори зголемувајќи ја присутноста на Ф1 на телевизиите, присилувајќи ги да го пренесуваат целиот шампионат наместо да избираат само некои трки, што беше вообичаено до раните 1980-ти години.


Сириската војска го зазеде стариот дел на Алепо


Алепо, 7 декември, 2016 - 9:53 (META) 

Сириската војска денеска ја презела целосната контрола над стариот дел на Алепо, кој беше држен од бунтовничките сили, соопшти сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, јавуваат светските агенции.

Сириската војска во стариот дел на градот, кој е втор по големина во Сирија, влегла вчера.

Како што јавуваат агенциите, бунтовничките сили во последните две недели изгубиле две третини од источните области од Алепо, кои беа под нивна контрола.

Десетици илјади цивили, како што пренесува „Би-би-си“, сè уште се наоѓаат во последните области од градот, кои ги држат опозициските сили.


Телекомуникацискиот гигант „Еј-ти енд ти“ го купува „Тајм Ворнер“ за 86 милијарди долари


Далас, 23 октомври, 2016 - 12:24 (META) 

Американскиот телекомуникациски гигант „Еј-ти енд ти“ (AT&T) објави дека ќе ја купи медиумската групација „Тајм Ворнер“ за сума од речиси 86 милијарди долари, јавуваат светските медиуми.

Зделката, која е една од најголемите оваа година, сè уште чека одобрување од регулаторите, пренесува „Би-би-си“.

Доколку преземењато помине, тоа ќе значи ставање под една капа на дистрибуциската мрежа на „Еј-ти енд ти“ со содржините од филмските студија на „Ворнер бродерс“ и кабелските телевизии „Ејџ-би-о“ и „Си-ен-ен“, поради што договорот најверојатно ќе биде многу внимателно анализиран од антимонополиските регулатори во САД.

„Еј-ти енд ти“ во моментов е трет најголем кабелски оператор во САД.

Рендал Стивенсон, кој истовремено е претседател на управниот одбор и извршен директор на „Еј-ти енд ти“, изјавил дека според него нема никакви регулаторни пречки и дека сите прашања, за кои постои загриженост, можат да се надминат.

„Ова е совршено совпаѓање на две компании со комплементарни предности кои можат да донесат свеж пристап во начинот на работа на медиумите и комуникациската индустрија за своите клиенти, дистрибутери и огласувачи“, изјавил Стивенсон.

Во изјавата од „Еј-ти енд ти“ било наведено дека целта на договорот е да им се даде на клиентите „неспоредлив избор, квалитет, вредност и искуство, кои ќе ја дефинираат иднината на медиумите и комуникациите“ и дека новата компанија „ќе го води новиот бран на иновации во медиумската и во комуникациската индустрија“.

Републиканскиот кандидат за претседател на САД, милијардерот Доналд Трамп, вчера, пред самото објавување на договорот, изјавил дека доколку стане претседател, ќе ја блокира зделката меѓу „Еј-ти енд ти“ и „Тајм Ворнер“.

„Тоа е концентрација на премногу моќ во рацете на малкумина“, рекол Трамп.


КХВ го запре преземањето на „Макпетрол“ од „Балкан петролеум“


Скопје, 19 септември, 2016 - 14:45 (META) 

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) на денешната седница донесе заклучок да ја прекине постапката за издавање дозвола за преземање на „Макпетрол“ од страна на „Балкан петролеум холдинг лимитед“, соопштуваат од КХВ.

Постапката била прекината заради, како што појаснуваат од комисијата, решавање на „претходно прашање“ кај друг надлежен државен орган.

– Ако КХВ како орган што ја води постапката, наиде на прашање, кое претставува самостојна правна целина во надлежност на друг орган, а без чие решение не може да се одлучи за поднесеното барање, КХВ ја прекинува постапката додека надлежниот орган не се изјасни по претходното прашање – се наведува во соопштението на комисијата.

Оттаму информираат дека постапката по барањето за издавање дозвола за преземање на „Макпетрол“, поднесено од „Балкан петролеум холдинг лимитед“, КХВ ќе ja продолжи откако надлежниот државен орган ќе донесе одлука во однос на претходното прашање.


ЗНМ: СЈО ќе помогне вистината да излезе на виделина во случајот за Зоран Божиновски


Скопје, 12 август, 2016 - 14:35 (META) 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја поздравува одлуката на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) со која бара да го преземе од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корпуција предметот против новинарот Зоран Божиновски, поврзан со случајот „Шпион“.

Божиновски е во притвор од април, оваа година, откако беше уапсен во Нови Сад, Србија, а потоа екстрадиран во земјава.

„Веруваме дека Специјалното јавно обвинителство ќе води покредибилна и поефикасна постапка за случајот на новинарот Божиновски и ќе помогне вистината побрзо да излезе на виделина. Се надеваме дека СЈО по преземањето на предметот сериозно ќе ја разгледа можноста да побара укинување на мерката притвор за Божиновски,“ се вели во соопштението од ЗНМ.

Од Здружението велат дека Македонија, како членка на Советот на Европа, има обврска да ја примени Европската конвенција за човековите права и слободи.

„Сметаме дека македонските власти во случај на Божиновски не ги почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој од земјите потписнички на Конвенцијата бара мерката притвор или затвор против новинар да ја применат само кога тие се обвинети за тероризам или говор на омраза. За сите други дела Европскиот суд смета дека затворањето на новинари е непропорционална мерка, со која може да се загрози слободата на говорот и слободата на медиумите“, велат од ЗНМ.

Оттаму додаваат дека ЗНМ останува на ставот дека „апсењето на Божиновски е политички мотивирано затоа што власта ги злоупотребува законите и институциите неосновано да ја ограничи слободата на медиумите“ и дека „Божиновски е притворен со единствена цел да се спречи да објавува нови коруптивни скандали против власта“.

Специјалното јавно обвинителство вчера соопшти дека испратило барање до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција за преземање на случајот против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски.

На нашето прашање, дали ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе го прададе овој предмет на СЈО, од Јавното обвинителство, ни одговорија само дека го добиле барањето од Специјалното јавно обвинителство.

Инаку, СЈО веќе ја презеде надлежност врз случајот „Шпион“, со кој е поврзан предметот против Божиновски, кој се товари за кривичните дела злосторничко здружување, шпионажа и за уцена.


СЈО бара да го преземе случајот за Зоран Божиновски поврзан со „Шпион“


Скопје, 11 август, 2016 - 15:11 (META) 

Специјалното јавно обвинителство денеска испратило барање до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за преземање во своја надлежност на случајот против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски.

„Ова Јавно обвинителство денеска достави барање до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за доставување на предметот против лицето З.Б., кој неодамна беше екстрадиран од Република Србија во Република Македонија. Имено, се работи за предмет против обвинетиот З.Б. кој е дел од случајот „Шпион“ за кој веќе имаме воспоставено надлежност“, стои во соопштението од СЈО.

Божиновски во 2013 година беше еден од осомничените во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април годинава, Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти во Нови Сад врз основа на меѓународната потерница, што властите во Скопје ја имаа распишано против него во 2013 година.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корпуција на 18 јули, по спроведената истражна постапка, против Божиновски поднесе обвинение во Основниот суд Скопје 1.

Божиновски се товари за злосторничко здружување, шпоинажа и за уцена. Тој во моментов се наоѓа на издржување на мерка притвор, што му ја одреди судот на барање на Обвинителството.


КХВ побара од „Балкан петролеум“ дополнителна документација за купување на „Макпетрол“


Скопје, 18 јули, 2016 - 15:56 (META) 

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) побара од компанијата „Балкан петролеум“, понудувачот за купување на „Макпетрол“, да достави дополнителна документација пред да донесе конечна одлука дали ќе дозволи преземање на најголемата македонска нафтена компанија.

Во наредниот период компанијата „Балкан петролеум“ треба да ги обезбеди дополнителните документи, а потоа КХВ ќе се изјасни дали досието е комплетирано.

Ако се потврди дека понудувачот ја има комплетната документација, тогаш почнуваат да течат десетте дена во кои комисијата ќе мора да одлучи дали ќе дозволи преземање на компанијата.

 


Словачка од денеска го презема претседавањето со ЕУ


Братислава, 1 јули, 2016 - 10:25 (META) 

Словачка од денеска го презема претседавањето со Европската Унија, кое ќе трае до 1 јануари 2017 година. Претходните шест месеци со ЕУ претседаваше Кралството Холандија.

Главна тема на која ќе биде фокусирана Словачка, во текот на своето претседавање со Унијата, ќе биде кризата по референдумот во Велика Британија, на кој граѓаните одлучија земјата да ја напушти ЕУ.

Словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, порача дека во претстојните преговори за новите односи меѓу ЕУ и Велика Британија ќе биде покажана флексибилност, но дека нема да има посебен договор со Лондон.

Тој истакна дека Словачка ќе ја поддржи политиката на отворени врати за прием на нови земји членки во ЕУ.


Британска компанија сака да го преземе „Макпетрол“


Скопје, 9 јуни, 2016 - 13:51 (META) 

Британската компанија „Балкан петролеум холдинг лимитед“ (Balkan Petroleum Holding Limited) сака да го преземе акционерското друштво „Макпетрол“ АД – Скопје по цена од 25.908 денари за една акција, се соопштува на Македонска берза.

– Во согласност со член 22, став 1 од Законот за преземање на акционерските друштва, ги известуваме сите акционери на „Макпетрол“ АД – Скопје дека имаме намера да објавиме понуда за преземање на акционерското друштво „Макпетрол“ АД – Скопје по цена од 25.908 денари за една акција. Понудата за преземање ќе биде објавена по добивањето дозвола од страна на Комисијата за хартии од вредност – се вели во намерата за преземање објавена на берзата, која е објавена и како оглас во дневните весници.


СЈО го презема случајот „Шпион“


Скопје, 25 март, 2016 - 13:44 (META) 

Претставник од Специјалното јавно обвинителство, на денешното рочиште на Апелацискиот суд на кој се разгледуваше жалбата на осудените во случајот „Шпион“, рече дека предметот во своја надлежност го презема СЈО, пренесува „Нова ТВ“.

Во случајот „Шпион“ се обвинети 19 луѓе, меѓу кои првообвинет е поранешниот разузнавач Марјан Ефремов, кој е осуден на 15 години затвор за шпионажа затоа што, според обвинението, прибирал информации за странски тајни служби.

Затворски казни, со првостепенета пресуда, добија и поранешниот директор на дирекцијата за спречување на перење пари, Ване Цветанов, поранешниот полициски генерал Горан Стојков, двајца разузнавачи активни во времето на акцијата „Шпион“, Марјан Маџовски, поранешен шеф на кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, и Александар Диневски, поранешен вработен во службата за контраразузнавање кој во доцните 1980-ти беше еден од иницијаторите за реформи во службата. Тој доби затворска казна од четири и пол години.