Музичарот Канје Вест, кој сега е познат како Је, ја купува платформата за социјални медиуми „Парлер“ која се опишува како алтернатива за „слободен говор“ на Твитер, пренесе „The Verge“.
Веста за преземањето ја сподели „Парлер“ во соопштение во кое се вели дека бил склучен начелен договор со Је, а истиот се очекува да биде затворен до крајот на годинава.
Неодамна профилите на Канје Вест на Твитер и Инстаграм беа затворени поради објавувањето антисемитски коментари.
Извршниот директор на „Парлемент Технолоџис“, матичната компанија на „Парлер“, Џорџ Фармер вели дека договорот ќе го промени светот и начинот на кој светот размислува за слободата на говорот.
Американските медиуми објавија дека Фармер е сопруг на конзервативната инфлуенсерка и коментаторка за десничарските медиуми Кендис Овенс, која неодамна видно се зближила со Канје Вест.
Претставувањето на „Парлер“ како платформа за слобода на говорот го направи засолниште за десничарските теоретичари на заговор. Платформата беше обвинета дека им помагала на бунтовниците да го планираат и координираат упадот во Капитол што се случи на 6 јануари минатата година. По немирите, „Гугл“ и „Епл“ ја отстранија „Парлер“ од нивните продавници за апликации, а подоцна ја вратија, откако платформата се согласи построго да ги модерира содржините и објавите.
Во последниве години музичарот Је изрази зголемена поддршка за десничарските каузи, а неговите изјави, исто така, често прераснуваат во теории на заговор. На почетокот на месецов тој беше критикуван што заедно со инфлуенсерката Овенс носеа маици со слоганот „Белите животи се важни“ (White Lives Matter) на модната недела во Париз и за коментарите дадени за време на интервјуто со „Фокс Њуз“. Неемитуваните сегменти од интервјуто покажале дека Је дава антисемитски изјави и се залага за различни теории на заговор, вклучително и дека лажни деца се користеле за „манипулирање со неговото потомство“.
„Во свет каде конзервативните мислења се сметаат за контроверзни мораме да се погрижиме да имаме право слободно да се изразуваме“, изјавил Је.
На Канје Вест му беше дијагностицирано биполарно растројство во 2016 година и оттогаш тој отворено зборува за проблемите со менталното здравје. Во 2019 година изјави дека на моменти станува „хипер-параноичен за сѐ и за секого“.