Гејмери тужат за да го спречат преземањето на Активижн од Мајкрософт

Photo by Fábio Silva on Unsplash

Десет гејмери поднесоа тужба во федерален суд во САД, во обид да спречат спојување на „Активижн Близард“ (Activision Blizzard), компанијата што ја создаде играта „Call of Duty“ и Мајкрософт. Тужителите велат дека договорот за спојување „тежок“ 69 милијарди американски долари, односно купувањето на ривалот од страна на Мајкрософт, кој ја создаде играчката конзола „Иксбокс“ (Xbox) „ќе создаде монопол во индустријата на видеоигрите“, јави Би-би-си.

Тужбата уследи две седмици откако регулаторни тела во САД покренаа судски процес пред управен судија во обид да се спречи зделката, која секако ќе биде најголемата досега на пазарот на видеоигри.

Мајкрософт го брани спојувањето со тврдење дека тоа „ќе ја зголеми конкуренцијата и ќе создаде повеќе можности за гејмерите и за развивачите на игри“.

Пред речиси две седмици, Федералната трговска комисија (FTC) во својата тужба изнесе речиси исти обвинувања како гејмерите, нагласувајќи дека Активижн е една од малкуте врвни создавачи на висококвалитетни игри за различни платформи и уреди.

„Предложеното преземање на Мајкрософт ќе му даде и средства и мотив да ѝ наштети на конуренцијата, со манипулирање со цените, со правење на игрите полоши на конзолите на неговите конкуренти“ или со „недавање содржини на неговите конкуренти, со што би им се наштетило на потрошувачите“, соопшти Федералната трговска комисија.

Мајкрософт најави дека ќе ја овозможи играта „Call of Duty“ за Нинтендо во следните 10 години, ако дојде до спојување на компаниите. Слична понуда е дадена и на „Сони“, која ги прави играчките конзоли Плејстејшн (PlayStation).