Илон Маск го купи Твитер за 44 милијарди американски долари

Elon Musk
Илон Маск / Фото: Daniel Oberhaus, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

Илон Маск, најбогатиот човек на светот, го купи Твитер и ја додаде компанијата во својата деловна империја по неколкумесечни правни препукувања, пренесе „Врџ“. Според медиумот, преземањето на Твитер Маск го прославил со отпуштање на директорите.

Тој ги отпуштил Параг Агравал, кој го наследи Џек Дорси на местото извршен директор на Твитер, како и главниот финансиски директор Нед Сегал. Сменет бил и Виџаја Гаде, шефот на политики на Твитер.

Илон Маск првично се понуди да го купи Твитер во април, а потоа се предомисли и се обиде да се повлече. На 4 октомври, пак, поднесе писмо до Комисијата за хартии од вредност во САД во кое ја потврди посветеноста на првичниот договор. Преземањето на Твитер чинеше 44 милијарди американски долари.

Доколку не ја преземеше компанијата, Маск ќе се соочеше со Твитер на суд.

„Птицата е ослободена“, напиша тој на Твитер откако ја презеде платформата.

Останува прашањето што планира да направи милијардерот со Твитер сега кога го поседува, откако даде голем број на јавни коментари и критики за досегашната работа. „Вашингтон пост“ објави дека Маск планира да повлече 75 отсто од вработените, за што милијардерот негирал дека е точно.

Твитер во моментов се соочува со предизвици околу своите политики за слобода на говор, а Врховниот суд во САД се согласи на отвори два случаја кои се однесуваат на одговорноста на компанијата за нелегална содржина.

Маск најави и менување на начинот на кој функционира модерирањето на содржините на Твитер, што би значело олабавување на политиките според кои поранешниот претседател Доналд Трамп беше трајно забранет на платформата.

Маск зборуваше и за користење на Твитер како „апликација за сѐ“, споредувајќи ја со кинеската апликација „WeChat“, која започна како платформа за пораки, но оттогаш почна да опфаќа повеќе сегменти, од купување до плаќања и игри.

„Ако можеме и ние да го создадеме тоа со Твитер, ќе бидеме голем успех“, им рекол Маск на вработените во Твитер во јуни.