Илон Маск се откажа од зделката од 44 милијарди долари за купување на Твитер

Фото: Принтскрин

Најбогатиот човек на светот Илон Маск сака да ја раскине понудата од 44 милијарди долари за купување на Твитер, со тврдење дека биле прекршени повеќе точки од договорот, пренесе Би-Би-Си.

Оваа информација е последна во долгиот развој на сагата за купување на социјалната мрежа која трае од април.

Маск вели дека се откажал од намерата бидејќи Твитер не доставил доволно информации за бројот на спамерските и на лажните профили на мрежата. Од Твитер, пак, велат дека ќе покренат правна постапка за спроведување на договорот.

„Управниот одбор на Твитер е посветен на продажбата по цената и условите кои се договорени со господинот Маск“, напиша директорот на платформата, Брет Тејлор, што отвора можност за долга правна битка меѓу двете страни.

Првичниот купопродажен договор вклучуваше сума од 1 милијарда долари доколку некоја од страните го раскине договорот.

Во мај Маск соопшти дека договорот е привремено ставен во мирување во чекање на податоците за лажни и спамерски профили на Твитер. Тој побара докази кои ќе го потврдат тврдењето на компанијата дека ваквите профили сочинуваат помалку од 5 отсто од целокупниот број на корисници на социјалната мрежа.

Маск смета дека лажните профили изнесуваат повеќе од 20 отсто од корисниците на Твитер.

Акциите на Твитер паднаа за седум отсто по веста дека Маск се повлекува од купувањето на компанијата.