Илон Маск се закани дека ќе се повлече од преземањето на Твитер со договор вреден 44 милијарди долари, обвинувајќи ја компанијата дека ги оневозможува неговите барања да дознае повеќе за нејзината база на корисници.
Светските медиуми јавуваат дека во писмото поднесено до регулаторите, Маск вели дека има право да врши свои мерења на лажните профили на оваа платформа.
Писмото доаѓа по неколкунеделниот спор, откако Маск го стави договорот на чекање во очекување на дополнителни информации за процентот на спам профили на Твитер.
Спротивно на тврдењата на Твитер дека уделот на лажните профили во дневниот број корисници на социјалната мрежа изнесува 5 отсто, Маск верува дека нивниот број е многу поголем и би можел да изнесува над 20 отсто од бројот на корисници.
„Како потенцијален сопственик на Твитер, г-дин Маск очигледно има право на бараните податоци за да му овозможат да се подготви за транзиција на бизнисот на Твитер во негова сопственост и да го олесни неговото финансирање. За да го направи ова, тој мора да има целосно и точно разбирање за самата суштина на бизнис моделот на Твитер – неговата корисничка база“, стои во писмото напишано од адвокатот на Маск.
Во писмото понатаму се додава дека Маск верува оти Твитер активно се спротивставува и ги попречува неговите права за пристап кон информации.
Овој спор предизвика повеќе сомнежи околу иднината на преземањето на Твитер, кое беше одобрено од одборот на компанијата во април.
Доколу Маск се откаже од договорот, тој ќе се соочи со такса за раскинување во висина од 1 милијарда долари и можна тужба.
Договорот за преземање на Твитер од Илон Маск ставен во мирување