Договорот за преземање на Твитер од Илон Маск ставен во мирување

Photo by Joshua Hoehne on Unsplash

Директорот на „Тесла“ и „Спејс Eкс“, Илон Маск, изјави дека договорот за преземање на Твитер вреден 44 милијарди американски долари е ставен во мирување. Како причина за паузирањето на постапката, Маск наведе дека очекува детали кои ќе го поддржат тврдењето на Твитер дека лажните профили на оваа социјална мрежа изнесуваат помалку од 5 проценти од вкупниот број корисници на платформата, јавуваат светските новински агенции.

Маск на Твитер соопшти дека очекува информации „што ја поддржуваат пресметката дека лажните и спам-профили навистина претставуваат помалку од пет отсто од корисниците“ и дека „сè уште е посветен на стекнувањето на Твитер“.

Како што пишува „Би-би-си“, аналитичарите сега шпекулираат дека Маск може да бара повторни преговори за цената на преземање на Твитер, но и дека постојат шанси целосно да се повлече од преземањето, изразувајќи сомнежи во „загриженоста за лажните профили“ како вистинската причина за овој чекор.

Илон Маск гласно зборуваше за победа над „спам-ботовите“, идентификувајќи го ова како клучна цел по неговото планирано преземање на компанијата.

Твитер долго време се соочува со обвинувања дека не прави доволно за да се справи со автоматизираните, лажни сметки кои објавуваат содржини на платформата. Пред повеќе од две недели, Твитер процени дека лажните профили сочинувале помалку од 5 отсто од дневните активни корисници во првите три месеци од годинава.

Бројот на спам-ботови е клучна статистика на услугата на Твитер, бидејќи доколку нивната вистинска бројка е повисока од очекуваната, тоа може да ѝ наштети на можноста за зголемување на приходите од реклами или од платени претплати.