Британскиот регулатор се противи на купувањето на „Активижн Близард“ од страна на „Мајкрософт“

Mike Mozart, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Управата за конкуренција и пазари на Обединетото Кралство соопшти дека е против планираното купување на компанијата за развивање игри „Активижн Близард“ од страна на технолошкиот гигант „Мајкрософт“, јавува Би-би-си. Управата смета дека ваквиот договор ќе резултира со повисоки цени, помал избор и помалку иновации и ќе направи штета во индустријата за видеоигри.

„Мајкрософт“, како производител на конзолата „Ексбокс“, сака преку договор вреден 69 милијарди американски долари да се здобие со хит насловите како „Call of Duty“ и „Candy Crush“ во издаваштво на „Активижн“.

Технолошкиот гигант вели дека ќе најде решение за загриженоста на британските регулатори и дека ќе им даде целосен пристап до „Call of Duty“ и на компаниите како „Сони“ и „Нинтендо“ кои имаат свои конзоли, но и до платформи за игри како „Стим“.

Од „Мајкрософт“ додаваат дека 75 отсто од испитаниците на јавната консултација на Управата за конкуренција и пазари се согласиле дека оваа зделка е добра за конкуренцијата во гејминг индустријата во Велика Британија.

Еден од предлозите на Управата, како што пишува Би-би-си, е „Активижн Близард“ да ја продаде само франшизата „Call of Duty“.

Договорот меѓу „Мајкрософт“ и „Активижн Близард“ е под лупа и на регулаторите во ЕУ и САД.

Обиди за блокирање на преземањето на „Активижн Близард“ од страна на „Мајкрософт“