Најмалку 12 загинати во бомбашки напад во Кабул


Кабул, 3 јуни, 2017 - 14:41 (META) 

Најмалку 12 лица загинале во бомбашки напад кој денеска се случил за време на погреб во главниот град на Авганистан, Кабул, јавуваат светските агенции.

Три експлозии, како што пренесуваат агенциите, биле пријавени на гробиштата во областа Хаир Хан, каде бил погребот на син на локален политичар. Тој бил меѓу демонстрантите кон кои пукала полицијата за време на вчерашните протести во Кабул.

Демонстрантите на вчерашниот протест бараа од авганистанската влада да ја подобри безбедноста по бомбашкиот напад во Кабул, во кој загинаа повеќе од 90 лица.


Почина писателот Мето Јовановски


Скопје, 24 декември, 2016 - 12:02 (META) 

По кратко боледување, вчера во кругот на семејството на 88-годишна возраст почина писателот Мето Јовановски. Јовановски беше претседател на Македонскиот ПЕН-центар и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во кариерата долга шест децении, творештво на Јовановски брои повеќе од 30 книжевни дела. Објавуваше збирки песни, раскази, романи, песни за деца и од нив, особено расказите, се објавувани на повеќе светски јазици, а Јовановски преведуваше од англиски и од руски јазик.

Јовановски ќе биде погребан в недела, во неговото родно Брајчино, а в понеделник во 13 часот ќе се одржи комеморација во ГЕМ-клубот во Скопје.


Фидел Кастро погребан во Сантијаго де Куба


Сантијаго де Куба, 4 декември, 2016 - 17:32 (META) 

Урната со пепелта на поранешниот лидер на Куба, Фидел Кастро, денеска беше погребана во Сантијаго де Куба, каде пред повеќе од 60 години почна кубанската револуција, чиј водач беше Кастро.

Погребот беше одржан откако кубанските власти во последен момент ги откажаа плановите церемонијата да биде пренесувана во живо на телевизија, на национално и на меѓународно ниво. На новинарите од странските медиуми, како што јавуваат агенциите, им било забрането да присуствуваат на погребот.

Поворката со посмртните останки на Кастро, кој беше претседател на Куба повеќе од 50 години, утрово во 6.39 часот го напушти Плоштадот на револуцијата во Сантијаго де Куба и помина низ насобраните неколку десетици илјади Кубанци, кои денеска излегоа на улиците да му оддадат почит на Кастро.

Насобрание пред гробиштата, чија капија беше затворена по влегување на поворката, ја пееја кубанската химна и извикуваа „Вива Фидел“ (Да живее Фидел).

Кубанскиот претседател, братот на Фидел, Раул Кастро, вчера ја предводеше комеморацијата на која рече дека ќе продолжи „да ја брани татковината и социјализмот“.

Тој истакна дека, согласно волјата на Фидел Кастро, во парламентот ќе предложи да биде донесен закон со кој нема да се дозволи создавање на култ од личноста на Кастро.

„Фидел во последните часови од својот живот инсистираше неговото име да не биде никогаш употребено како име на некоја институција, плоштад, парк, авенија, улица или други јавни места и да не бидат подигани споменици во негова чест, ниту бисти и слични други обележја“, рече Раул Кастро.

Со положувањето на урната заврши деветневната жалост за смртта на Фидел Кастро, кој почина на 25 ноември, на 91 година.


Фидел Кастро денеска ќе биде погребан во Сантијаго де Куба


Сантијаго де Куба, 4 декември, 2016 - 11:29 (META) 

Денеска во Сантијаго де Куба ќе бидат погребани посмртните останки на поранешниот кубански водач Фидел Кастро. Вчера беше одржана меморијална служба која ја водеше братот на Кастро, кубанскиот претседател, Раул Кастро.

Водачот на кубанската револуција и поранешен претседател на земјата, Фидел Кастро, почина на 25 ноември на 91 година.

Урната со пепелта на Кастро пристигна во Сантијаго де Куба, каде пред повеќе од 60 години почна кубанската револуција, откако четири дена патуваше со т.н. „Карван на слободата“. Голем број Кубанци изминатите четири дена излегуваа на улиците да ја поздрават поворката.

Со полагањето на урната, ќе биде завршена и деветдневната жалост, што беше прогласена по смртта на Кастро, кој со Куба управуваше повеќе од 50 години.


САД нема да испратат официјална делегација на погребот на Фидел Кастро


Вашингтон, 29 ноември, 2016 - 20:43 (META) 

Соединетите Американски Држави нема да испратат официјална државна делегација на погребот на кубанскиот лидер Фидел Кастро, соопшти денеска Белата куќа, јавуваат светските медиуми.

Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, денеска соопшти дека САД на погребот во Хавана ќе ги претставуваат заменик-советникот за национална безбедност, Бен Родс, и Џефри Делаурентис, кого претседателот на САД, Барак Обама, го номинираше за амбасадор во Хавана.

Сепак, двајцата државни функционери не се сметаат за официјална делегација бидејќи претседателот Обама не се водел по формалниот протокол за испраќање претставници на САД на погребот.

Тој, како објаснување за одлуката на Белата куќа да не испрати официјална делегација на погребот на Кастро, ги наведе „комплицираните“ односи меѓу САД и Куба.

„Веруваме дека ова е соодветен начин да ја покажеме нашата посветеност на напорите за подоборување на односите со народот на Куба во иднина“, изјави Ернест.

Лидерот на кубанската револуција и поранешен претседател на земјата, Фидел Кастро, почина во саботата минатата недела, на 91 година. Кубанските власти прогласија десетдневна жалост во земјата, а неговата урна ќе биде погребана в недела, на 4 декември, во историскиот град Сантијаго де Куба.


Путин нема да присуствува на погребот на Фидел Кастро


Москва, 28 ноември, 2016 - 12:27 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на кубанскиот лидер Фидел Кастро, изјави портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.

Путин е многу зафатен подготвувајќи се за редовното годишно обраќање на нацијата, кое е планирано да се случи на 1 декември, додаде Песков.

Руската делегација на погребот ќе ја предводи Вјачеслав Володин, близок соработник на Путин и претседател на руската Државна дума.

Поранешниот кубански претседател почина на 91 година по долгогодишно боледување.

Посмртните останки на Кастро четири дена ќе ја обиколуваат земјата пред погребот на 4 декември во Сантијаго де Куба.


Десетдневна жалост на Куба, погребот на Фидел Кастро на 4 декември


Хавана, 26 ноември, 2016 - 12:00 (META) 

Кубанските власти прогласија десетдневна жалост поради смртта на револуционерниот лидер Фидел Кастро. Неговата урна ќе биде погребана на 4 декември, во историскиот југоисточен град Сантијаго де Куба.

„Од 26 ноември до 4 декември ќе бидат запрени јавните активности и свечености, а националното знаме ќе биде спуштено на половина копје на јавните згради и на воените објекти“, соопштија кубанските власти.

Претседателот на Куба и помал брат на Фидел, Раул Кастро, рано утринава соопшти дека Фидел починал синоќа и дека неговото тело ќе биде кремирано во раните утрински часови.

Поранешниот кубански претседател и револуционерен лидер почина на 91-годишна возраст, по долгогодишно боледување.


Почна погребот на Шимон Перес


Ерусалим, 30 септември, 2016 - 10:27 (META) 

Израелци и претставници од целиот свет се собраа денеска во Ерусалим на погребот на поранешниот израелски претседател и добитник на Нобелова награда за мир, Шимон Перес.

Меѓу нив се и претседателот на САД, Барак Обама, палестинскиот претседател Махмуд Абас, претседателот на Франција, Франсоа Оланд, и германскиот претседател Јоаким Гаук.

Се верува дека тоа ќе биде најголемиот таков собир од погребот на израелскиот премиер Јицак Рабин, партнерот на Перес во мировните преговори, кој во 1995 година беше убиен од еврејски националист, противник на политиката на замена на земји за мир со Палестинците.

Ковчегот е пренесен до гробиштата на ридот Херцл, каде Перес ќе биде погребан покрај поранешните премиери Јицак Рабин и Јицак Шамир, на местото каде се погребуваат големите израелски лидери.

Полицијата пред погребот ги затвори улиците во централниот дел на Ерусалим, а за безбедноста се грижат 8.000 полицајци.

Перес почина во средата, на 94-годишна возраст, во болница кај Тел Авив, како последица на мозочен удар.

За време на седумдецениската политичка кариера, бил на сите важни државни функции, двапати бил премиер и претседател на Израел, од 2007 до 2014 година.


Ден на жалост во Италија, бројката на загинати достигна 290 лица


Рим, 27 август, 2016 - 13:50 (META) 

Бројот на жртвите од земјотресот што во средата го погоди централниот дел на Италија достигна 290 лица, откако во текот на ноќта во урнатините на градот Аматриче пронајдени се телата на уште три жртви.

Во Италија денеска е прогласен Ден на жалост, а одржани ќе бидат и првите погреби на жртвите.

Претседателот на Италија, Џорџо Матарела, го посети Аматриче, градот во централниот дел на земјата кој речиси целосно беше уништен во земјотресот.

Градоначалникот на Аматриче, Серџо Пироци, на Матарела му укажа на огромната штета што ја претрпе местото.

Претседателот се сретна и им се заблагодари на спасувачите кои од средата наутро работат 24 часа за да ги спасат граѓаните заробени во урнатините и да ги извлечат телата на загинатите.

Матарела подоцна во текот на денешниот ден ќе присуствува на погребот на некои од жртвите.


Пронајдено тело на 12-годишно дете, а се трага по исчезнато 16-месечно девојче


Скопје, 9 август, 2016 - 10:18 (META) 

Расте бројот на загинати лица во големото невреме што во саботата доцна вечерта го погоди Скопје и околината. Вчеравечер, како што информираат од МВР за „Мета“, во населбата Ченто било пронајдено телото на 12-годишно момче, кое настрадало додека со неговиот дедо се движеле со трактор по обиколницата. Од МВР велат дека се трага и по 16-месечно девојче, кое вчера било пријавено за исчезнато.

Детето за исчезнато вчера околу 17 часот го пријавил таткото му. Според пријавата, момчето и неговиот дедо, кои се од селото Стајковци, во саботата околу 22 часот со трактор се движеле по обиколницата, кога на нив наишол голем воден бран, кој го превртел тракторот и го однел детето.

Неговиот дедо, успеал да се спаси, а мртвото тело на момченцето вчера околу 20.40 часот го нашол неговиот татко, во населбата Ченто, во близина на автобуската станица, последна 65-ка.

Вчера, околу 18 часот 18-годишниот Џ.Ф. пријавил дека во саботата вечерта додека со возило се движеле по обиколницата, што го управувал сега загинатиот Фуркан Фејзулаху, на нив наишол воден бран. Во возилото со нив била и 16-месечната ќерка на загинатиот Фејзулаху, на која и се губи секаква трага и надлежните трагаат по неа.

Како што информираат од МВР, по идентификувањето на 12-годишното дете, неговото тело по наредба на јавен обвинител било дадено на семејството за погреб. Обдукцијата на телото, според информациите, не била извршена.

Со последната регистрирана жртва досега бројот на загинати во невремето изнесува 22 лица, а по едно сè уште се трага.