Околу 2.000 луѓе, од кои околу 500 државници, политичари и членови на кралски семејства присуствуваа денеска на церемонијата на државниот погреб на досегашната британска кралица Елизабета Втора, која владееше со кралството речиси 70 години – најдолго од сите британски монарси. Погребната служба се одржа во Вестминстерската Опатија во Лондон, каде Елизабета Втора се венчаше за својот сопруг принцот Филип во 1947 година и каде беше крунисана за кралица, во јуни 1953 година, известува британскиот јавен радиодифузен сервис Би-би-си.
Од таму процесијата, предводена од кралското семејство, се упати кон замокот Виндзор, каде малку подоцна ќе се изврши семејната погребна церемонија и ковчегот со нејзиното тело ќе биде положен покрај нејзиниот покоен сопруг, Филип, војводата од Единбург, во меморијалната капела „Крал Џорџ Шести“ која се наоѓа во капелата „Сент Џорџ“.
Во погребната служба Деканот на Вестминстерската Опатија говореше за животот и владеењето на покојната кралица, британската премиерка Лиз Трас ја прочита 14. глава од Евангелието по Јован, а присутните ја пееја „Господ е мојот пастир“, црковната песна што е исполната и на венчавката на Елизабета Втора. Беседата ja одржа Надбискупот од Кентербери, поглаварот на Англиканската Црква.
The Cavalry Last Post is sounded by the State Trumpeters of the Household Cavalry before the Nation fell silent in Remembrance of Her Majesty The Queen. pic.twitter.com/ap5ccCiQW2
— The Royal Family (@RoyalFamily) September 19, 2022
Во првата од трите денешни процесии, претпладнево поворката зад нејзиниот ковчег на лафет пристигна во Опатијата од Вестминстер Хол, каде ковчегот беше изложен од средата, а прв по ковчегот чекореше нејзиниот најстар син и новиот крал на Обединетото Кралство, Чарлс.
На службата во Вестминстерската Опатија присуствуваа голем број претставници на кралски семејства од Европа, шестмина поранешни британски премиери, како и претседателите на САД и Франција, Џо Бајден и Емануел Макрон, канадскиот премиер Џастин Трудо, а меѓу другите државници беше и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски заедно со сопругата.
По завршувањето на официјалната државна погребна церемонија и исполнувањето на државната химна, која веројатно последен пат содржи „Боже, чувај ја кралицата“, ковчегот со процесијата, поздравен со биење на Биг Бен, се упати кон Велингтон Арч кај Хајд Парк.
As Big Ben tolled, Her Majesty The Queen’s coffin made its final journey through London.
From Westminster Abbey, along Horse Guards, down the Mall to Wellington Arch, the Procession included detachments from British and Commonwealth Armed Forces. pic.twitter.com/JYb4BZFeGZ
— The Royal Family (@RoyalFamily) September 19, 2022
Илјадници луѓе стојат долж трасата, за последно простување од својата кралица. Генерално, и двете процесии, и таа утринската до Вестминстерската Опатија, а и актуелната, кон Хајд Парк, беа проследени со топовски плотуни.
Кај Велингтон Арч, ковчегот ќе биде префрлен на погребна кола и ќе продолжи кон Виндзор. Таму во капелата „Сент Џорџ“ ќе се изврши опело од страна на Деканот на Виндзор и благословување од Надбискупот од Кентербери, пред 800 присутни, по што ќе уследи и самиот чин на погребување, во присуство само на семејството на досегашната кралица.
Државниот погреб на досегашниот британски монарх, Елизабета Втора, е прв по 1965 година, по оној на британскиот премиер од Втората светска војна, Винстон Черчил, известува Би-би-си.