УНИЦЕФ и ФФМ потпишаа ново партнерство по повод Светскиот ден на детето

Фото: УНИЦЕФ

По повод Светскиот ден на детето, што оваа година се одржува на истиот ден кога започнува Светското првенство во фудбал, Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) склучија ново партнерство.

„Без разлика за која држава навиваме на Светското првенство, кога станува збор за правата на децата, сите сме во ист тим. Секое дете заслужува да се чувствува безбедно, заштитено и уважено“, изјави претставничката на УНИЦЕФ во земјава,  Патриција ДиЏовани.

Претседателот на ФФМ, Муарем Сејдини рече дека ова партнерство претставува можност да се испрати заедничка порака за вклученост, недискриминација и почитување на детските права.

„Пораката што ќе ја испратат нашите фудбалери е потсетник за секој од нас да ги почитува правата на децата, да даваме еднакви можности на сите деца, квалитетно и инклузивно образование, живот во здрава животна средина и добро ментално здравје. Се обидуваме фудбалот да го направиме место за пример каде ќе се почитуваат детските права и ќе им се даваат шанси на сите деца, но и платформа од која ќе повикуваме и другите актери во нашето општество да го сторат истото“, истакна Сејдини.

Имено, иницијативата ќе опфати заедничка мултимедијална кампања под мотото „Сите сме во ист тим кога се работи за децата“ со фудбалери од државната репрезентација и деца од различно потекло.

На Светскиот ден на детето, 20 ноември, како што информираат од ФФМ ќе се одржи пријателски фудбалски натпревар помеѓу фудбалерите на репрезентацијата на Северна Македонија и децата.