Фото: Арбнора Мемети

Откако кај починатиот Амди Бајрам постмортем било утврдено дека бил позитивен на ковид-19, Центарот за јавно здравје-Скопје итно ќе спроведе епидемиолошка анкета со најблиското семејство на починатиот, со цел точна и детална идентификација на контактите во изминатите денови, информираат од Министерството за здравство.

„Со анкетата, ќе биде направена евалуација на степенот на ризик и ќе биде дадена препорака за тестирање, односно самоизолација за неговите контакти. Согласно анкетата, Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ќе издаде решенија за изолација за лицата за кои таа ќе биде одредена“, велат од Министерството за здравство.

Инаку, поранешниот пратеник и лидер на партијата „Сојуз на Ромите“, Амди Бајрам денеска ќе биде погребан во 14 часот. По социјалните мрежи се споделува повик за што помасовно присуство на погребната поворка. Наспроти ваквиот повик, од Министерството за здравство апелираат да се избегнат сите погребни ритуали, а погребот да се спроведе во согласност со протоколите, како превенција од понатамошно ширење на ковид-19.

Министерството за здравство изразува сочувство до семејството, но и апелира во интерес на заштита на нивното здравје, во целост да соработуваат со надлежните служби. Инаку, Амди Бајрам почина вчера на 64-годишна возраст. Тој бил донесен во приватна болница во веќе егзитирана состојба. На починатиот му бил земен брис за тестирање, при што резултатот потврдил присуство на ковид-19.