[Фото] Скопјани на плоштад му оддаваат последна почит на Аки Рахимовски

Фото: Мета.мк

Бројни жители на главниот град денеска му оддадоа последна почит на пејачот Аки Рахимовски. На плоштадот „Македонија“ беше поставена книга на жалост, на која се потпишаа претседателот Стево Пендаровски и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска. Со фронтменот на групата „Парни ваљак“ се простија и бројни музичари од земјава.

„Почивај во мир голем пејачу и човеку“, „Ти благодарам за убавите моменти во нашите животи“, „Почивај во мир ангелу“ и бројни други пораки беа испишани во книгата на жалост денеска на скопскиот плоштад. Дел од граѓаните запалија свеќа и положија цвеќе на плоштадот.

Граѓаните на Скопје му оддаваат последна почит на Аки во книгата на жалоста; Фото: Мета.мк

Главното собирање на пријателите и обожавателите на Аки Рахимовски е предвидено попладнево од 18 часот, кога хорови, пејачи и пријатели, заеднички, за збогување, ќе отпејат некои од најголемите хитови на „Парни ваљак“.

Аки Рахимовски почина на 66 годишна возраст на 22 јануари. На Рахимовски му се слошило и бил префрлен во болница во Ново Место, Словенија, каде што подоцна починал. Пред четири години тој преживеал мозочен удар.

Инаку, денешното оддавање последна почит под мотото „Да го испратиме со песна нашиот Аки“ го организира радио „Бубамара“ со поддршка на КЛС Саунд и Град Скопје, пред утрешниот погреб на музичката ѕвезда во Загреб.