Соединетите Американски Држави нема да испратат официјална државна делегација на погребот на кубанскиот лидер Фидел Кастро, соопшти денеска Белата куќа, јавуваат светските медиуми.

Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, денеска соопшти дека САД на погребот во Хавана ќе ги претставуваат заменик-советникот за национална безбедност, Бен Родс, и Џефри Делаурентис, кого претседателот на САД, Барак Обама, го номинираше за амбасадор во Хавана.

Сепак, двајцата државни функционери не се сметаат за официјална делегација бидејќи претседателот Обама не се водел по формалниот протокол за испраќање претставници на САД на погребот.

Тој, како објаснување за одлуката на Белата куќа да не испрати официјална делегација на погребот на Кастро, ги наведе „комплицираните“ односи меѓу САД и Куба.

„Веруваме дека ова е соодветен начин да ја покажеме нашата посветеност на напорите за подоборување на односите со народот на Куба во иднина“, изјави Ернест.

Лидерот на кубанската револуција и поранешен претседател на земјата, Фидел Кастро, почина во саботата минатата недела, на 91 година. Кубанските власти прогласија десетдневна жалост во земјата, а неговата урна ќе биде погребана в недела, на 4 декември, во историскиот град Сантијаго де Куба.