Со песните од музичката група „Парни ваљак“, скопјани синоќа на плоштадот „Македонија“ му оддадоа почит на пејачот и некогашен нивни сограѓанин, Аки Рахимовски. Десетици граѓани ги пееја песните на оваа култна група, запалија свеќи во негова чест и се потпишаа во книгата на жалоста.
Целодневниот настан во организација на радио Буба Мара вчера го посетија и бројни македонски музичари, како и претседателот Стево Пендаровски и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.
Простувањето со Аки не беше организирано само во Скопје, туку и во други градови од поранешна Југославија. Огромно внимание од своите обожаватели Аки доби во Загреб, каде голем број граѓани запалија свеќи и ги напишаа своите пораки кон популарниот фронтмен којшто денеска ќе биде погребан во хрватскиот главен град.
За денешниот погреб, неговото семејство избрало песна која имала посебно значење за покојниот пејач. Песната на Род Стјуарт „Sailing“ ќе биде отпеана на погребот, како и две македонски песни кои Аки многу ги сакал.
Рахимовски е роден во 1955 во Ниш, пораснал во Скопје, а во почетокот на 70-ите се преселил во Загреб. Беше еден од основачите на групата „Парни ваљак“ во 1975 година, со која издаде 17 студиски албуми.