Закинтос ги загуби сите 18 Сини знамиња


Атина, 23 јули, 2018 - 10:38 (META) 

На Закинтос, еден од најпопуларните острови во Јонсокото море, му се одземени сите Сини знамиња. Локалните медиуми јавија дека Хеленското друштво за заштита на природата и Советот за туризам ги отстраниле сите Сини знамиња од островот Закинтос по жалбите дека плажите на кои им се доделени овие признанија не ги исполнуваат критериумите.

Сино знаме за плажи и марини е меѓународен еколошки стандард за квалитет на заштита на животната средина на морето и брегот. Сини знамиња се доделуваат секоја година на плажи и марини кои ги исполнуваат строгите меѓународни стандарди според 33 критериуми.

Причините за повлекување се жалби во врска со управување со течен отпад, а посебно одлив на отпадни води во реката Агиос Хараламбос. На почетокот од јули имаше инцидент во подрачјето на реката Агиос Хараламбос кога после пропуст на вработени во комуналната хигиена кои затвориле само една од две пумпи, канализацијата завршила во реката.

Другите фактори кои се додадени на одлуката за повлекување на овие признанија се присуството на смет на улиците на кој многу туристи се пожалиле, како и отсуство на спасувачи на плажите со Сино знаме.

Минатата година беа отстранети пет сини знамиња од плажи на Закинтос, како и на плажата Миртос на блискиот јонски остров Кефалонија.


Охрид викендов полн со гости како среде туристичка сезона


Охрид, 26 јуни, 2016 - 10:06 (META) 

Со дневна температура од околу 30 Целзиусови степени и со температура на езерската вода од 22 степени, Охрид викендов пулсира како среде туристичка сезона. Убавото и топло време ги наполни плажите, а навечер полни се шеталиштата и летните бавчи во градот.

Центарот за јавно здравје информира дека температурата на водата во Охридското Езеро е натпросечна за овој период од годината.

Најголемиот број од гостите се од земјава, но на паркиралиштата можат да се забележат голем број возила и автобуси со регистерски таблички од земјите од соседството. Има и голем број гости од западноевропските земји.

Во Охрид почнаа и културните манифестации, што дополнително ги привлекуваат туристите. До 28 јуни се одржува меѓународниот фестивал „Словенечки денови во Охрид“ или „Словенија во Охрид“, на кој има околу 600 учесници од Словенија, претставници на аматериски културни друштва.

Во блиското Вевчани, отворена е 7. ликовна колонија „Вевчански видувања“, на која учествуваат 25 еминентни ликовни уметници од седум странски држави и од земјава.

Отворањето на колонијата беше посветено на големиот ликовен уметник, македонскиот академски сликар Григор Чемерски, кој почина неодамна.


Струшкиот градоначалник го обвини владејачкото мнозинство за соработка со мафијата


Струга, 28 декември, 2015 - 12:21 (META) 

Градоначалникот на Струга, Зиjадин Села, на прес-конференција изјави дека со донесувањето на предлог-законот за дополнување на законот за градежно земјиште, а кој се однесува на плажите, се штити урбаната мафија.

Села ги обвини пратениците од владејачкото мнозинство и институциите за соработка со мафијата.

– Имајќи предвид што предвидува, овој закон треба да гласи „закон за заштита на урбаната мафија“. Повеќе од јасно е дека урбаната мафија има длабоки корени во Собранието на Македонија затоа што сите тие што се потписници на овој закон и сите тие што гласале за него, не заслужуваат да се нарекуваат пратеници, туку тие се соработници на урбаната мафија. Сега добивме и парламентарна мафија. И не се само тие, туку со нив соработуваат и институциите, но, од друга страна, морам да констатирам дека има и соработници внатре во Општината, како што се градежните инспектори кои по закон се независни во своето работење – изјави Села.

Струшката локална самоуправа претходно најави дека ќе ги урне сите објекти изградени на плажите и ќе ги направи слободни, но тоа не се случи бидејќи судот донесе привремена мерка и ги спречи дејствата на Општината.

– Судовите повеќе од два месеци не ги потпишуваат решенијата за да се отсранат тие диви објекти од плажата. Еве, јавно, јас ги повикувам уште денеска да ги потпишат решенијата додека не е донесен законот, за да расчистам со плажите и за да им се вратат на граѓаните, за да го зачуваме ова богатство што ни е дадено од природата и да го зачуваме биодиверзитетот на Охридско Езеро – додава Села.

Градоначалникот Села најави дека законот ќе биде оспорен, а Општината за случајот ќе ја извести УНЕСКО, како и странските амбасади во земјата.


Дронови ќе ги чуваат капачите од ајкули во Австралија


Сиднеј, 25 октомври, 2015 - 13:08 (META) 

Беспилотни летала, но и други најмодерни технолошки средства ќе бидат употребени ова лето долж крајбрежјето на Нов Јужен Велс, држава во Источна Австралија, за да се следи движењето на ајкулите и да се спречат нападите врз капачите, соопштуваат австралиските власти.

Туристичката сезона во овој дел на Австралија, кој е најнаселен и во кој се наоѓа најголемиот австралиски град Сиднеј, почнува во декември.

Според пишувањата на медиумите, одлуката да се воведе ваков систем на надзор врз плажите долги 2.000 километри, е донесена поради зачестените напади на капачите од бели ајкули, кои само годинава изнесуваа 13.

На почетокот на декември, дроновите ќе ги надлетуваат сиднејските и другите популарни плажи.


Топлото време и продолжениот викенд го преполнија Охрид


Охрид, 1 август, 2015 - 12:58 (META) 

Топлото време и августовскиот продолжен, празничен викенд го преполнија Охрид, кој се претвори во тешко прооден град. Нема сомнеж дека ова ќе биде самиот шпиц на главната туристичка сезона, за која од локалната самоуправа велат дека ќе биде една од најуспешните воопшто.

Претпладне се создава метеж и редици со долги колони возила во правец на плажите. Попладне е обратно. Навечер се чека за место во кафулињата и во рестораните, а луѓето со тешкотии се разминуваат по шеталиштето на кејот.

Во Охрид, никој официјално не може да го каже точниот број на гости и на посетители, меѓутоа, во секој случај, тој е поголем од 30.000 луѓе. Сите капацитети се исполнети. Во централното градско подрачје, особено во првата крајезерска линија никој веќе не издава легло за помалку од 10 евра зза едно лице.

Од Центарот за јавно здравје, информираат дека 60 отсто од примероците на површинската вода покажале дека водата е од прва класа, додека другите анализирани примероци покажале дека водата е од втора класа.

Температурата на водата во крајбрежниот дел на Охридско Езеро, од македонска страна, во моментов е 25 Целзиусови степени.

На гостите на располагање им се бројни културни настани, пред сè, на фестивалот „Охридско лето“. Вечерва, нов спектакал на Антички тетар со ѕвездата Стефан Миленковиќ, а утревечер на програмата е драмска приредба со театарот „Вера Комисаржевскаја“ од Санкт Петербург, Русија.

Сепак, не е сè така идеално. И оваа година, доминираат децибелите во ноќниот живот. Музика ечи по цела ноќ, а туристите се жалат дека не можат да спијат и да се одморат. Ваквата ситуација засега никој од надлежните не ја санкционира.


Охрид: Плажите преполни, водата во езерото чиста и топла


Охрид, 21 јули, 2015 - 15:49 (META) 

Дење топло, но сè уште подносливо, навечер свежо за прошетки и за седенки по кафулињата и во рестораните. Во ваква атмосфера нашиот туристички центар Охрид ја живее главната сезона, со многу гости од земјата и од странство.

За време на викендите, нови бранови гости од Битола, Скопје и од други македонски градови, го посетуваат Охрид, создавајќи метеж и редици со долги колони возила во правец на плажите.

На рака им одат и резултатите од последно извршените анализи на земени 30 примероци од површинската вода на Охридско Езеро, кои покажуваат дека во најголем дел водата е од прва класа и е погодна за капење.

Од Центарот за јавно здравје, информираат дека 60 проценти од примероците на површинската вода покажале дека водата е од прва класа, додека другите анализирани примероци покажале дека водата е од втора класа. Од трета класа е водата на Велгошка Река.

Температурата на вода во крајбрежниот дел на Охридско Езеро, од македонска страна, во моментов е 23 Целзиусови степени, додека температурата на воздухот напладне е околу 30 Целзиусови степени. Навечер, се симнува на пријатните 22 степени.


Отворена сезоната на капење во Охридско Езеро


Охрид, 14 јуни, 2015 - 10:43 (META) 

Вториот јунски викенд, заедно со порастот на дневните температури, ги охрабри посмелите и помалку трпеливите да ја отворат сезоната на капење во Охрдиско Езеро.

Tемпературата на воздухот викендов се искачи до 30 Целзиусови степени, додека темепратурата на водата е пониска за десетина степени. Сепак, наглото зголемување на дневната температура, многумина ги принуди разладување да побараат во сè уште студената езерска вода.

Најмногу капачи имаше на плажата Потпеш, кај Канео, потоа на платформата на кафулето „Куба либре“, како и на целиот потег од туристичката населба Свети Стефан, па сè до населбата Пештани.

Првите капачи се јавија и на шеталиштето, долж градскиот кеј, во центарот на Охрид.

На Охрид, во моментов, печат на сезонскиот туристички живот му даваат странците, пред сè, оние од Холандија и од другите земји на Бенелукс.


Плажите во Стење се подготвуваат за туристичката сезона


Скопје, 8 јуни, 2015 - 10:29 (META) 

Во преспанското село Стење се интензивираат градежните работи за изградба на угостителски објекти и за нивелирање на плажата со автохтон песок, на површина од околу 500 метри.

Паралелно се гради пешачка патека со канделабри, се градат три угостителски објекти, се градат игралишта за ракомет,  кошарка и за тенис.

Оваа инвестиција во Стење е вредна 7 милиони денари и се реализира преку Министерството за транспорти и врски. Угостителските објекти и сите предвидени сервис-услуги за туристите, локалната самоуправа ќе ги издаде под закуп на еден концесионер.

Според најавите, градежните работи треба да завршат пред почеток на летната сезона.


Плажите во Стење и во Сливница останаа пасишта за крави


Скопје, 24 ноември, 2014 - 13:32 (META) 

Пет месеци поминаа откако Владата најави дека ќе ги уредува плажите во туристичките места Стење и Сливница на Преспанско Езеро, но од тоа сè уште нема ништо. На 11 јули годинава, од Министерството за транспорт и врски најавија дека ќе почне уредувањето на вкупно 600 метри плажи на Преспанско Езеро, а ќе бидат опфатени населбите Сливница и Стење.

Според тогашните најави, предвидено беше овој проект да заврши во рок од четири месеци, со што ќе бидат подготвени за пречек на првите туристи во текот на следната туристичка сезона. Но, и покрај најавите, плажите во Стење и во Сливница и денеска се во првобитната состојба.

Во програмта за работа за 2014 година, објавена на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски, стои дека проектот опфаќа уредување на 500 метри плажа во населено место Стење и 100 метри плажа наречена Сливница, на Преспанско Езеро, и тоа: попесочување на површината со автохтон песок, хортикултурно и партерно уредување (поставување клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажни материјали); изградба на сервисниот пункт кој ќе ги опфати следните содржини: шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви (во согласност со правилникот за минимално-технички услови за вршење угостителска дејност), соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити и истиот ќе биде изграден од дрво, метал, стакло, пресована слама, шиндра и др.); поставување чадори за сонце и лежалки, како и поставување ценовник за нивно изнајмување кој ќе биде поставен н видно место на плажата; обележување на просторот за капење во езерото со бови заради заштита на капачите од пловни објекти; поставување платформа за сончање од дрвен материјал; поставување служба за спасување; поставување информативни паноа, бежичен интернет (антена за интернет) и други погодности за забава и за престој.

Рок за реализација, предвиден за овој проект е јули – август 2014 година, а вкупна вредност изнесува 40 милиони  денари.

Од Министерството за транспорт и врски не успеавме да добиеме одговор. Мобилниот телефон на портпаролот постојано беше недостапен.

В.Ѓ.

plazi stenje