Жбогар со поддршка за исполнувањето на препораките на УНЕСКО во Охридскиот регион

Активностите за соодветно уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро во насока на исполнување на препораките од УНЕСКО и зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион наиде на поддршка и од Амбасадорот на ЕУ во земјава Семјуел Жбогар. За време на вчерашната посета на Охрид, тој ја посети плажата Горица Трета, каде што веќе се отстранија дивоградбите и на нивно место се поставува речен песок на плажите.

Евроамбасадорот Жбогар истакна дека Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија го поздравува и го поддржува започнатиот процес за исполнување на препораките на УНЕСКО и сите законски активности кои се преземаат за заштита на светското наследство на Охридскиот регион и зачувување на Охридското Езеро, како непроценливо природно богатство.

– Јас разбирам и гледам дека има луѓе во Охрид и во околината кои не се грижат за статусот на УНЕСКО, туку на прво место ги ставаат своите интереси. Верувам дека мнозинството на граѓаните во Охрид навистина се грижат за зачувување и заштита на Охридското езеро за идните генерации – рече амбасадорот Семјуел Жбогар.

Веднаш по посетата на оваа локација, евроамбасадорот Жбогар оствари посета и на Репродуктивниот центар за европски елен во Националниот парк Галичица. Во рамките на неговата површина од 86 хектари, сместено е матично стадо од 30 единки, од 24 женки и 6 мажјаци, а веќе има и подмладоци од млади еленчиња. Амбасадорот Жбогар ја поздрави иницијативноста и ентузијазмот на установата во остварување на активности за заштита на природата.

Во рамките на посетата, беше дискутирано и за зачувување на природното и културното наследство во Националниот парк Галичица и активностите кои установата ги презема и планира да ги имплементира во иднина. Жбогар беше запознат со напредокот и резултатите од спроведувањето на проектот: „Подобрување на ефективноста во заштитата и управувањето со Националниот парк Галичица”, кој е дел од Програмата: „Подобрување на управувањето во заштитените подрачја“, финансирана од Европската Унија, а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.