fbpx

Општина Струга против владината уредба за враќање на плажите во првобитна состојба

-

Општина Струга ќе поднесе иницијатива пред Уставниот суд против владината уредба за отстранување на објектите и на урбаната опрема од плажите на Охридското езеро. Тие се против ваквата одлука на владата, со која закупците треба да ги вратат плажите во првобитната состојба. На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата вчера ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба.

„Сметаме дека последната Уредба е популистичка одлука која има за цел да освои гласови пред парламентарните избори. Оваа Уредба се донесе во време кога Општина Струга побара да се донесе Закон за плажи, што ќе се однесува на целата територија на Република Северна Македонија, со исти услови за сите концесионери. Уредбата, не само што ќе го спречи користењето на плажите на прагот на туристичката сезона, што значително ќе влијае на економскиот развој на Општината, туку ќе предизвика и загадување на крајбрежјето, што за нас е крајно неприфатливо“, реагираат од Канцеларијата за односи со јавност од Општина Струга.

Додаваат дека оваа одлука на централната власт е избрзана и погрешна во услови на вонредна состојба и пад на економијата, особено кога станува збор за туристички град, каде концесиите и плажите се клучен дел од развојот на локалната економија, а приходот на локалните бизниси и на голем број граѓани на Општина Струга зависaт од секторот туризам.

„Општина Струга ќе достави иницијатива до Уставниот суд, бидејќи Уредбата е спротивна на Уставот, Законот за локална самоуправа, Законот за животна средина и Законот за градежно земјиште. После сите тешкотии и состојбата предизвикана од пандемијата, се очекуваше Владата да ни излезе во пресрет и да ни помогне, а не да ни наштети повеќе. Апелираме да се преиспита Уредбата“, стои во реакцијата на Канцеларијата за односи со јавност.

Инаку, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко остана цврсто на ставот дека нема ниту една дивоградба во заштитениот појас на Охридското езеро во Струга. Струшката локална самоуправа го проби рокот за изработка на попис или регистар на бесправно изградени објекти, задолжение кое го доби од Владата, како дел од препораките на УНЕСКО.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...