Извор на фотографија: Општина Велес

Владата на синоќешната седница ги донесе протоколите за работата на базените и на плажите во тек на пандемијата на ковид-19, а ја укина важноста на одредбата од протоколот за работа на кафулиња и ресторани на една маса да седат двајца, или четворица само ако се во роднинска врска.

Новите препораки опфаќаат правила кои определуваат дека вработените лица и посетителите на плажите ќе треба да носат лична заштитна опрема на носот и устата, а на самите плажи да има достапни и видливи места со средства за дезинфекција на рацете. Со усвоените протоколи и на плажа ќе мора да се држи физичка дистанца од 1,5 до 2 метри, вклучувајќи го и престојот во вода, како и да се ограничи бројот на посетители на плажата, според квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 квадратни метри нето површина.

На плажите е задолжително меѓу индивидуалните чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, растојание од 1,5 до 2 метри меѓу лежалките, кои задолжително треба да се дезинфицираат пред и после користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави крпа на лежалката, пред да ја употреби.

Се забрануваат групни спортови, како одбојка на плажа, и задолжително е одредувањето на лица кои ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките. На плажите не се препорачува користење на гардероби.

Според Протоколот за работа на базените во тек на пандемија со ковид-19, покрај почитувањето на основните превентивни мерки за лична заштита, определува и задолжително обележано растојание пред билетарите од 1,5 до 2 метри, меѓу вработениот и посетителот, или заштитна бариера. Се препорачува бесконтактно плаќање со кредитни картички, а треба да се обезбеди и препорача онлајн купување на билети.

Од владината прес-служба информираат дека пред влезот на базените задолжително е да се постави подлога за дезинфекција на сите посетители, да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете, со известување за посетителите за задолжителна дезинфекција при влегување, и да се постави пред влезот на сите простории во објектот. Користењето на соблекувалните е дозволено по принцип еден посетител, во една соблекувална, со воспоставување на ред и незадржување, од страна на назначени лица од редарска служба. Зачестено ќе се чистат и дезинфицираат соблекувалните на секои 2 часа, а по потреба и почесто.

При влез во базенскиот дел, задолжително секој посетител ќе треба да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера за миење на нозете. Сите вработени и посетителите до влегување во базенот задолжително ќе носат лична заштитна опрема на лицето, што подразбира било каква форма на заштита што ги покрива пределот на носот и устата, како и да одржуваат физичка дистанца од 1,5 до 2 метра, вклучително и во базенските води.

Со протоколите се ограничува бројот на посетители, согласно квадратурата на објектот, максимум 15 на 100 квадратни метри нето површина (вклучително и површината на базенот) или еден пливач на 7 квадратни метри во базенот, со задолжителна контрола на бројот на пливачи и спроведувањето на мерките.

На базените не се препорачува користење на угостителски услуги, а за оние во состав на хотелски капацитети треба да ги почитуваат горенаведените препораки, со напомена, користењето на базенот да биде дозволен само за гостите од хотелот.

Владата донесе и измени и дополнувања на протоколите за работа на кафулињата и на угостителските објекти за исхрана, со кои се укинуваат ограничувањата за седење на две лица на една маса, како и ограничувањето со кое на една маса можат да седат четворица само ако се од исто семејство.