Фото: Принтскин, facebook.com/cubalibrebeachbar

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, целосно ги демантира тврдењата на адвокатите и на менаџерскиот тим на фирмата, поранешен концесионер на плажата „Куба Либре”, дека не добила известување за отстранување на бесправните објекти во кои обавуваат угостителска дејност. Тој на својот фејсбук објави дека решението за отстранување на објектите е издадено уште во 2017 година, а последното известување за отстранување од страна на Општина Охрид е доставено до фирмата пред десетина дена.

„Јавноста, преку медиумите, неколку пати беше информирана за целиот процес на отстранување на објектите од плажите и досега неколку пати беше потенцирано дека ќе се пристапи кон отстранување на плажите во градската зона и дека нема да има никакава селективност во постапките“, објави тој.

Како целосно манипулативна ја оценува изјавата од досегашниот концесионер „Куба Либре“, дека бил најден начин за подмирување на закуп на земјиштето и дека била платена кирија до 2021 година.

„Тоа е целосна лага! Потенцирам дека станува збор за присилна наплата, согласно закон и по основ на Судска пресуда по признание за стекнување без основ, со извршно решение. Се работи за минимален износ на наплатени средства кој е значително помал во споредба со износот кој би бил наплатен за реален закуп, односно концесија на земјиштето“, вели Георгиески.

Плажата „Куба Либре”, според градоначалникот, работела без концесија и остварувала приходи на државно земјиште на штета на општината и државата. Било извршено и доградување и проширување на објектите, а се изградиле и платформи во езерото.

„Времето на незаконско работење на плажите истече и дека нивните бизнис интереси повеќе нема да бидат над законите и интересите на Охрид. Остануваме посветени на почитување на законите и исполнување на препораките на УНЕСКО за зачувување на Светското природно и културно наследство“, објави Георгиески.

Досегашните концесионери на „Куба Либре“, излегоа со реакции дека, плажата е изградена со проект и со сите потребни дозволи од Општината, дека се подмирени сите концесии до февруари 2021 година, како и дека уредно се платени и сите други давачки кон државата и општината.

Денеска градежна механизација денеска започна со уривање на дивоизградените платформи и урбаната опрема на плажите „Куба Либре“, „Кадмо“ и „Бела Виста“, „Канео“ и „Потпеш“ на кои од вчера им е исклучена струјата. Според Општина Охрид, таму се градело без договори за концесија и се узурпирало државно земјиште. Акцијата е според препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.