Фото: Бојан Блажевски

Во пресрет на Конечниот извештај на УНЕСКО за Охридскиот регион што треба да биде објавен на 4 јуни, охридскиот градоначалник Константин Георгиески денеска на прес-конференција објаснуваше што се презема за отстранување на бесправно изградените објекти и за уредување на крајбрежјето на Охридското езеро.

Иако досегашните најави се дека претстојниот извештај на УНЕСКО ќе содржи сериозни критики и ќе влијае на одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО, градоначалникот вели дека Општина Охрид сериозно е посветена на исполнување на препораките на УНЕСКО и на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

„Како резултат на неколку-неделната активност за отстранување на бесправните градби на плажите, ставаме крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас. Речиси целосно се расчистени плажите на овој потег, од село Пештани до хотел Метропол, каде што со помош на механизација, отстранети се нелегални градби, платформи, постаменти од бехатон плочки и ѕидови од најразлични градежни материјали“, изјави градоначалникот Георгиески.

Тој додава дека општината открила и отстранила голем број нелегални одводни цевки и јами, од кои се влевале отпадни води директно во Охридското Езеро. Крајбрежјето е исчистено од габаритниот градежен шут, а веќе се ангажирани јавните претпријатија за чистење на ситните остатоци на бетон и градежни материјали и се врши уредување на постоечкото зеленило.

„На одредени локации од крајбрежјето, во текот на наредниот период ќе бидат засадени нови украсни растенија, нови садници на дрвја и ќе биде посипан автохтон песок“, изјави охридскиот градоначалник.

Тој додаде дека откако ќе се заврши уредувањето на плажите на потегот од „Лагадин“, населбата „Свети Стефан“ и „Горица 3“, ќе се пристапи кон отстранување на нелегалните објекти и платформите во месноста „Елешец“. Следни за отстранување се и платформите и објектите на плажите од каналот „Студенчишта“ кон „Горица 1“ и плажите во делот на населбата „Канео“ во стариот дел на Охрид.

„Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО и исходот од следната сесија во однос на статусот на заштитено подрачје кој го поседува Охридскиот регион, продолжуваме неуморно да работиме за интересите на Охрид како културен и туристички центар и да го зачуваме непроценливото богатство за идните генерации“, изјави градоначалникот Георгиески.

Инаку, „Ohrid SOS“ вчера излезе со став дека во претстојната официјална верзија на Конечниот извештај на УНЕСКО ќе биде експлицитно наведено дека препораките од Реактивната мониторинг мисија од 2017 година уште не се исполнети или поради пребавен или поради недоволен напредок во спроведување на препораките од претходни одлуки на Комитетот на УНЕСКО и претходни Реактивни мониторинг мисии.

„Врз основа на наодите од посетата на доброто, Реактивната мисија смета дека доброто се соочува и со реални и со потенцијални закани по неговата исклучителна универзална вредност (ИУВ) во согласност со параграфите 179 и 180 од Оперативните насоки за спроведување на Конвенцијата за заштита на светското природно и културно наследство, што значи дека ги исполнува сите услови да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност“, посочија од „Ohrid SOS“.