!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Иван Лотески од населбата Варош го фати крстот во Охридското езеро


Охрид, 19 јануари, 2018 - 10:49 (META) 

Иван Лотески од охридската населба Варош го фати Светиот крст што во осветените води на Охридското езеро го положи митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката Тимотеј.

Лотески беше најсреќниот од неколкуте стотини верници кои денеска скокаа по крстот во Охридското езеро, чија температура според утринските мерења изнесуваше седум Целзиусови степени.

– Скокам по крстот од мои 13 години. Денеска прв пат го фаќам крстот. Среќен сум и за ова живееме. Нека ни е за многу години празникот – изјави Лотески.

Владиката Тимотеј и градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски го дарува Лотески со златен синџир со крст и икона.

Точно напладне на Сараиште, во рамките на верскиот дел од прославувањето на Богојавление – Водици, ќе се врши масовно крштевање во осветените езерски води.

Централната манифестација во Скопје ќе се одржи напладне, кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе го положи крстот во реката Вардар од мостот „Слобода“.


УХМР: Водостоите на реките под просекот за јануари


Скопје, 4 јануари, 2018 - 10:42 (META) 

Водостоите на реките Вардар кај Јегуновце, Сатеска кај Ботун и на Црна Река кај Новаци се повеќе од двојно пониски од просекот за јануари, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Водостоите на речиси сите реки се пониски во однос на вчера, а зголемување на водостоите има на Вардар кај Демир Капија, Пчиња кај Катлановска Бања, Брегалница кај Берово и Црн Дрим кај Ложани.

Нивоата на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро се во рамки на јануарскиот просек.


„ТУИ Холандија“ ќе воведе сезонски летови од Ајндховен до Охрид


Скопје, 26 декември, 2017 - 13:22 (META) 

Тур-операторот „ТУИ Холандија“ ќе воведе нови сезонски летови од Ајндховен до Охрид во летната сезона во 2018 гoдина, информираат од „ТАВ Македонија“.

Сезонските летови од Ајндховен треба да донесат од 3.000 до 3.500 патници на охридскиот аеродром. Вклучително и со летовите од Амстердам, „ТУИ Холандија“ се очекува да донесе 15.000 туристи на Охридското Езеро следната година.

– Веќе сообраќаме на линијата Амстердам – Охрид, а сега ќе почнеме и со летови од Ајндховен до Охрид, двапати неделно, односно секој понеделник и петок, почнувајќи од 11 мај до 21 септември. Главната причина за воведување на оваа сезонска линија е поради тоа што сакаме да привлечеме туристи и од Белгија. Сигурни сме дека можеме да го прошириме пазарот – изјави Жак Кријнон, продукт-менаџер во „ТУИ Бенелукс“.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој се надева дека турите на „ТУИ Холандија“ ќе привлечат не само туристи од Холандија, туку и туристи од други европски земји.

„ТАВ Македонија“ ги заврши првите 11 месеци од 2017 година со 13 проценти пораст на бројот на патници, достигнувајќи 1.876.304 на двата македонски аеродрома во Скопје и во Охрид. Во исто време, бројот на летови е зголемен за седум проценти, достигнувајќи вкупно 16.756 летови.


Изваден потонатиот брод „Мис Стон“, од кој се излеа нафта во Охридско Езеро


Охрид, 21 ноември, 2017 - 10:13 (META) 

Бродот „Мис Стон“ кој во неделата делумно потона во каналот Студенчишта во Охрид и од него се излеа нафта, денеска бил изваден од водите на Охридското Езеро, информираат од Општина Охрид.

„Со помош на брод од Хидробиолошкиот завод и со дигалка, бродот „Мис Стон“ беше исправен и прицврстен во близина на хангарот од Хидробиолошкиот завод. Се очекува во наредните денови бродот да се дислоцира од каналот. Во целиот зафат учествуваше и екипа на ЈП „Нискоградба“, која со пумпи претходно ја отстрани водата од внатрешноста на бродот“, велат од општинската администрација.

Во текот на вчерашниот ден, екипа од Капетанијата од Охрид, со специјални абразивни средства, успеала да неутрализира голем дел од излеаната нафта.


Утре ќе се вади бродот „Мис Стон“ што потона во каналот Студенчишта


Охрид, 19 ноември, 2017 - 18:08 (META) 

За утре е закажано итно вадење на бродот „Мис Стон“ од каналот Студенчишта во Охрид, информираат од Општина Охрид.

Од Општината информираат дека на местото на настанот излегле претставниците на локалната самоуправа, надлежниот државен инспектор за животна средина од Охрид, кој направил вонреден инспекциски надзор, како и капетанот на охридската капетанија.

„Беше утврдено дека се работи за инцидент со бродот „Мис Стоун“, кој е полупотонат при што е излеано одредено количество нафта во водата на каналот. Во согласност со законската регулатива, Државниот инспекторат за животна средина ќе ги преземе сите законски мерки и веќе е отворен предмет во инспекциска постапка. Закажано е итно вадење на бродот од каналот со соодветна механизација, со што ќе се спречи понатамошно излевање на нафта во езерото, а со тоа и потенцијални последици за живиот свет во него и за животната средина“, велат од општинската администрација.


Нивото на Охридско Езеро е осум сантиметри над минималното


Охрид, 7 ноември, 2017 - 10:53 (META) 

Водостојот на Црн Дрим на мерното место Ложани е за шест пати понизок, а на Црна Река кај Новаци за речиси четирипати помал од просекот за ноември, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Водостојот и на другите реки во земјава е под просекот за ноември, а нивото на Охридското Езеро е осум сантиметри над дозволеното минимално ниво и изнесува 693,18 метри.


Охридско Eзеро порибено со сто илјади пастрмки


Охрид, 28 септември, 2017 - 17:26 (META) 

Охридско Езеро денеска беше порибено со 100.000 пастрмки, а оваа количина е дел од вкупно планираните 2.500.000, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Порибувањето почна на 11 септември и ќе се спроведува до првата половина на октомври. Вкупната финансиска поддршка за годинешната Програма за рибарство и аквакултура изнесува 90 милиони денари.

„Во насока на заштита и одржување на рибниот фонд, како и заради планско експлоатирање на рибите, а во согласност со Законот за рибарство и аквакултура, рибите од риболовните води од Охридското Eзеро се доделени на концесија. Со оглед на тоа дека концесијата за вршење стопански риболов на сегашниот концесионер за Охридско Eзеро истекува наредната година, на почетокот на 2018 година е предвидено започнување на постапка за доделување на нова концесија за наредниот шестгодишен период“, се вели во соопштението на МЗШВ.


ЕЛЕМ секојдневно на интернет ќе објавува податоци за нивото на Охридско Езеро


Скопје, 27 септември, 2017 - 14:47 (META) 

ЕЛЕМ на својата официјална веб-страница почна да ги објавува податоците за нивото на Охридско Езеро, информираат од компанијата.

„На линкот http://www.elem.com.mk/?p=6755 посетителите ќе можат секојдневно да го следат нивото на езерото, а покрај моменталната состојба, се поставени и податоци за минималната и за максималната кота. Објавените податоци се според сопствените мерења на компанијата, што АД ЕЛЕМ, подружница ХЕС „Црн Дрим“ ги врши со водомерна летва во близина на градското пливалиште во Струга – велат од ЕЛЕМ.

Од компанијата додаваат дека новите содржини на веб-страницата се за да обезбедат поголема транспарентност во работењето, како и во интерес на засегнатата јавност.

Директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, при посетата на Охрид викендов изјави дека производството на електрична енергија од акумулациите „Глобочица“ и „Шпилје“ не смее да влијае негативно врз водостојот на Охридското Езеро, а со тоа и врз езерскиот еко-систем.


Годината беше сушна, затоа водостојот на Охридско Езеро е намален, велат од ЕЛЕМ


Охрид, 24 септември, 2017 - 16:26 (META) 

„Годината беше сушна, дотеците се многу мали. Затекнавме загрижувачка состојба на сите акумулации во земјата, но ќе се потрудиме нивоата на водата да ги задржиме во некаква оптимална состојба и да искористиме максимум од потенцијалот“, изјави денеска во Охрид директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски.

Тој додаде дека производството на електрична енергија од акумулациите „Глобочица“ и „Шпилје“ не смее да влијае негативно врз водостојот на Охридското Езеро, а со тоа и врз езерскиот еко-систем.

Миновски информираше дека минатата недела се сретнал со претставници на еколошките здруженија од Охрид и од Струга, при што било договорено формирање работни групи што координирано ќе работат на подобрување на состојбите со нивото на Охридско Езеро.

Директорот на ЕЛЕМ додаде дека во време на видливи климатски промени и изменети хидролошки услови, работна група со експерти од Македонија и од Албанија координираат активности за оптимизација на користењето на водниот потенцијал на Охридско Езеро.


Триесет килограми марихуана пронајдени во глисер кај Калишта, Струшко


Струга, 16 септември, 2017 - 12:11 (META) 

Струшката полиција синоќа, околу 22 часот, кај селото Калишта, на околу 300 метри од брегот на Охридско Езеро, во мал глисер пронашла и запленила 30 килограми марихуана, соопшти денеска МВР.

„Во мал бел чамец, со должина од околу 4 до 4,5 метри, со мотор, врзан со бова, биле пронајдени две црни торби, секоја со 14 пакувања од опојна дрога марихуана, со вкупна тежина од околу 30 килограми“, стои во соопштението на МВР.

Дрогата била подигната од местото и пренесена во полициската станица во Струга за понатамошна постапка.

Од полицијата додаваат дека работат на целосно расчистување на случајот.