Се озаконува градењето во селата во заштитени подрачја, реагираат екологистите

Охридското езеро на потегот меѓу Градиште и Трпејца; Фото: Мета.мк

Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ реагира на најновите измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање кои се предложени од Министерството за транспорт и врски, а за кои ова министерство не организирало јавна расправа. Пред два дена истече рокот за коментари по Предлог-законот прикачен на ЕНЕР, а од „Фронт 21/42“ имаат неколку забелешки.

Меѓу нив, еколозите реагираат дека предложените законски измени овозможуваат урбанизација на селата во заштитени подрачја без проценка на влијанието врз животната средина.

„Владата повторно овозможува урбанизација на селата во заштитените подрачја, како на пример Скудриње во Националниот парк Маврово; Лагадин, Љубаништа и Елшани во Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион – без да се процени како истата ќе влијае врз природата и без да се вклучи јавноста во овој процес на проценка“, реагираат од „Фронт 21/42“.

Тие воедно критикуваат дека законските измени овозможуваат автоматска трансформација на секаков тип земјиште во градежно, доколку истото е во рамки на урбанистички проект надвор од урбанистички план.

„Според важечките закони, за да се урбанизира простор кој е надвор од урбанистички план, а во кој има земјоделско земјиште, шуми, крајбрежен појас, итн. мора да се спроведе процес на пренамена во градежно земјиште, што пак е регулирано со специфичните закони за конкретниот тип на земјиште (на пр. Закон за земјоделско земјиште, Закон за шуми, итн.)“, објаснуваат од „Фронт 21/42“.

Предложените измени на Законот за урбанистичко планирање им оневозможуваат на граѓаните да ги оспорат планските програми за урбанизација, поднесувајќи жалба против решението за нивно одобрување.

Исто така, од „Фронт 21/42“ реагираат дека новите законски измени за кои треба да одлучува Собранието на РСМ го дефинираат урбанистичкото планирање и спроведувањето на урбанистичките планови како дејност од јавен интерес.

„Оваа, навидум минорна интервенција има потенцијал да направи пустош во нашата природа. На пример Законот за шуми забранува копачење и трајна пренамена на шумите, освен под одредени услови, меѓу кои е и спроведување на дејности од јавен интерес. Со актуелниот закон не може да се уништи некоја шума за да се спроведе план/проект за урбанизација, со предложените измени се отвара оваа врата“, велат од „Фронт 21/42“.

Екологистите алармираат дека доколку се усвојат измените на Законот за урбанистичко планирање, тие можат да доведат до уште поголем пустош во природата и културното наследство на земјава.

Инаку, и минатата година имаше жестока реакција на планираните измени во Законот за урбанистичко планирање, со коишто пак тогаш предлагаа дополнувања во членот 35 што оставаа простор да се гради по Детален урбанистички план (ДУП) кој е во спротивност со Генерален урбанистички план (ГУП). Тогаш ваквите измени беа повлечени од Министерството за транспорт и врски на почетокот од минатото лето.