fbpx

Вистиномер: Вест за возило паднато во Охридското Езеро, стара две години, се објавува како да е денешна

-

Не е вистина дека вчера автомобил „Тојота“ паднал во Охридското Езеро. Веста која е мошне вирална на социјалните мрежи и беше една од главните вести вчера, е всушност стара, односно настанот се случил пред точно две години, на 27 јуни 2020 година, за што говорат и видео снимките и објавите во медиумите, пишува „Вистиномер“ во својата анализа, објавена вчера.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Со енормна брзина вчера на социјалните мрежи и во македонските медиуми се рашири веста дека автомобил „Тојота“ завршил во Охридското Езеро на една од плажите. Веста е придружена со видео снимки и фотографии од местото на настанот, а очевидци говорат за тоа како автомобилот завршил во езерото поради невнимание на возачот, а потоа бил извлекуван со багер.

Ова не е вистина, односно настанот навистина се случил, но не вчера, туку пред две години, на 27 јуни 2020 година. 

Веста првично беше објавена на веб-порталот „Нова“, со наслов: (Видео) Автомобил заврши во охридско езеро, го извлекуваа со багер.

Овој наслов не кореспондира со текстот, бидејќи кога ќе се отвори, во него пишува:

Драма во градот Охрид. Видеото е од претходните години но со оглед на случувањата на соседните плажи се уште е актуелно. Имено автомобил марка Тојота Јарис на една од охридските плажи заврши во езерото поради невнимание на возачот.

Нејасно е дали содржината на текстот била изменета откако била објавена и откако авторот сфатил дека станува збор за стара вест, но голем број македонски портали, цитирајќи ја „Нова“, пренесуваат како настанот да се случил истиот ден.

Автомобил марка „тојота“ заврши во водите на Охридското Езеро на една од плажите, објави порталот НоваТВ. На видеото што е објавено се гледа вадењето на автомобилот со багер на една од охридските плажи, објавува еден од порталите што го презел текстот.

Видеото е мошне вирално и на социјалните мрежи. Само на една Фејсбук страница, објавеното видео има над 28 илјади гледања, повеќе од 500 допаѓања и 60 коментари.

Нашата проверка на факти утврди дека всушност, станува збор за настан што се случил пред две години, односно во 2020 година. Истото видео, со изјавите на очевидците може да се погледне на страницата на Јутјуб на ТВ Алфа.

Веб-порталите, во 2020 година, точно објаснуваат што се случувало и како автомобилот паднал во Охридското Езеро.

Автомобил “тојота” со охридски регистарски таблички, падна во водите на Охридското Езеро. Во комплексот Горица, недалеку од плажата од каде што започна акцијата за рушење на дивоградби, охриѓанецот кој побрзал да се разлади во езерските води, очигледно заборавајќи ги правилата на прописно паркирање, го заклучил автомобилот и се симнал на плажата. Но, набрзо по него и тојотата се спушила во вода. Многумина поитаа да видат што се случи, оти веста брзо се раширила низ охридската чаршија, пишуваа дел од порталите пред две години. 

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека вчера автомобил паднал во Охридското Езеро, а дел од македонските медиуми, преземајќи ја веста едни од други, всушност објавиле стара вест. Од тие причини, пред преземањето на вестите и споделувањето на содржините и видеата на социјалните мрежи, неопходно е да се провери датумот од кога датира одредена вест, со цел граѓаните да не бидат доведени во заблуда.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...