fbpx

Порталб: Несоодветното институционално управување со риболовот им штети на економијата и екологијата во РСМ, критикува ЕУ

-

Несоодветното институционално управување во областа на риболовот доведе до нелегален риболов и масакр на ендемичниот подводен свет во Северна Македонија. Земјата, во последниот Извештај за напредокот објавен од Европската комисија, доби и низа критики во овој поглед. Поглавјето 13 ја повикува Северна Македонија што поскоро да ја усогласи националната правна рамка со Заедничката политика за риболов на ЕУ, поконкретно само со делот од правилата што важат за езерскиот и речниот риболов, пишува Порталб.мк

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Иако Северна Македонија не се одликува со голема водна површина, риболовот во езерата и реките на нашата земја е многу важна област на делување. И додека бројот на граѓани кои се занимаваат со риболов како рекреативен спорт е голем, исто така голем е бројот и на оние кои благодарение на риболовот ја обезбедуваат семејната егзистенција. Несоодветното управување во оваа област на делување е на штета на економијата на земјата, но пред сè е на штета на ендемичниот воден свет и природата воопшто.

Охридско Езеро / Фото: Шефкије Аласани

ЕУ со неколку препораки за правната рамка за РСМ за риболовот

Прилагодувањето на националната правна рамка кон Заедничката политика за риболов на ЕУ е еден од условите што нашата земја мора да ги исполни на патот кон интеграција во европското семејство. Во Извештајот за напредокот, објавен од Европската комисија, е оценето дека Северна Македонија не се движи со вистинско темпо во однос на оваа област на делување.

„Административните капацитети за управување со ресурсите и флотата, инспекциите и контролата на политиката за риболов остануваат недоволни. Треба да се подобрат капацитетите за контрола на нелегалниот, непријавениот и нерегулиран риболов, во согласност со барањата на ЕУ. Северна Македонија сè уште треба да ги зајакне формулирањето, спроведувањето и капацитетот на својата политика. Треба да се подобри целокупната координација, вклучувајќи ги еколошките власти, во врска со заштитата на биолошката разновидност“, е истакнато во Извештајот.

Што се однесува до тоа дека во областа на риболовот нема доволно контроли и инспекции од страна на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), се наведува дека поглавјето 13 од Извештајот за напредокот се однесува само на мал дел од надлежностите на оваа институција и дека на поголем обем се однесува на други институции. Од ДИЗ тврдат дека малку инспектори работат во оваа насока, но дека се оптимисти за подобрување на состојбата.

„Недоволен број инспектори за контрола на риболовот не е главната забелешка туку заклучок и не зависи од Државниот инспекторат за земјоделство, туку од политиката за вработување, односно пополнување на работни места при природен одлив на инспекторите. Сепак, истакнуваме дека РСМ, како мала земја, можеби нема да има голем број инспектори кои работат во оваа област. Исто така, истакнуваме и дека е започната постапка за пополнување на празните места за 9 инспектори, од кои дел ќе работат на оваа област. Нормално, сето тоа во согласност со напредокот на земјата кон ЕУ, а особено по почетокот на преговорите, ситуацијата ќе се подобри“, рече за Порталб.мк Зоран Шапуриќ, директор на ДИЗ.

Од ДИЗ велат дека успешно се справуваат со феноменот на незаконски риболов бидејќи недостигот на инспектори на оваа област го покриваат со земјоделските инспектори.

„Недоволниот број инспектори не доведува до прекин на работата на оваа област, бидејќи земјоделски инспектори се ангажираат за надзор и на оваа област, практика која е присутна долги години. Значи, недоволниот број инспектори за риболов се надополнува со други државни инспектори од земјоделството, кои се распоредени во други сектори по потреба и во секое време да го спречат нелегалниот риболов, така што и покрај овој недостаток успешно се справуваме со нелегалниот риболов“, додаде Зоран Шапуриќ.

За делот на законската рамка, директорот на ИЈЗ вели дека донесувањето на законски и подзаконски акти од оваа област не е надлежност на Државниот инспекторат за земјоделство.

„Доколку бидеме вклучени од институциите, секако дека ќе го дадеме нашиот придонес со активно учество. Посебно нагласуваме дека се подготвува работна верзија на новиот Закон за риболов и аквакултура и со одлука на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство е формирана работна група во која членуваат и претставници од Државниот инспекторат за земјоделство“, изјави Зоран Шапуриќ.

Сепак, Извештајот го истакнува фактот дека во текот на периодот на известување земјата нема направено никаков напредок, додавајќи дека структурните мерки се покажаа недоволни за развој на аквакултурата и обновување на рибниот фонд. Системот за собирање податоци за риболов и аквакултурата треба дополнително да се развива во согласност со законодавството на ЕУ. Преземени се подготвителни чекори за усогласување на пазарната политика и државната помош. Северна Македонија нема направено никакви напори за приближување кон Регулативата на ЕУ ниту за јагулата.

Во Извештајот се препорачува земјата да работи особено на три клучни точки:

  1. Приближување на законот за риболов и аквакултура со правото на ЕУ во областа на пазарните политики, структурните мерки и државната помош;
  2. Подобрување на системот за собирање податоци и известување
  3. Воспоставување на повеќегодишна програма на структурни мерки

Заедничката политика на ЕУ за риболов поставува правила за управување со риболовот, ги штити живите морски ресурси и го ограничува влијанието врз животната средина на риболовот. Ова вклучува поставување на квоти за улов, управување со капацитетот на флотата, правила за пазар и аквакултура и поддршка за риболовот и крајбрежните заедници. Бидејќи Северна Македонија има само внатрешен риболов во езера и аквакултура, голем дел од правото на ЕУ за риболов не е применливо.

Охридско Езеро / Фото: Шефкије Аласани

Експертите бараат посебна заштита на загрозените видови во Охридското Езеро

Студиите на различни научници нагласуваат дека рибната фауна во Охридското Езеро е една од најбогатите и најразновидните во Европа. Охридското Езеро служеше и служи како „дом“ за 17 домородни риби, меѓу кои и ендемични видови како Охридската пастрмка и Охридската белушка или белвица, кои се и видови со економска вредност. Меѓутоа, поради несоодветно управување, рибите во Охридското Езеро се плен на нелегален риболов.

Аријан Мероли, истражувач и експерт за заштитени подрачја, оценува дека управувањето и оддржливото користење на езерската риба претставува повеќекратни предизвици како за надлежните органи така и за локалните рибари, било оние кои со риболов обезбедуваат егзистенција, било за аматерите.

Прво, загрозените видови во Охридското Езеро се заштитени со националното законодавство на двете земји, кои го делат ова езеро, но и со европското законодавство за заштита на природата и за нивно зачувување се бараат посебни напори. Второ, економските видови како што се пастрмката, белвицата или крапот и кленот, и покрај тоа што се користат, корисниците имаат малку или воопшто немаат знаења за состојбата на резервите и максималниот одржлив принос. Трето, регулаторните акти за секторот риболов, и покрај напорите и иницијативите преземени во текот на годините, варираат од земја до земја. Исто така, треба да се истакне дека критична точка во двете земји е тоа што имплементација од страна на одговорните тела е слаба.

Конечно, рибите се еден од четирите биолошки елементи или индикатори кои, според Рамковната директива за води на ЕУ, ја одредува еколошката состојба на езерата. Директивата бара добрата еколошка состојба да се одржува или обнови на пр. состојбата на рибната фауна (и други биоти), во речиси ненарушени услови и дека мора да се преземат конкретни мерки за ова барање да се исполни. Колку и да се сложени и променливи овие предизвици, тие имаат едно нешто заедничко: потребата од целосни податоци и информации за состојбата на рибните резерви во езерото. За рибите на Охридското Езеро никогаш не е направен сеопфатен рибен попис и проценка на рибните резерви“, изјави Аријан Мероли за Порталб.мк.

Незаконски риболов и концесионерството – проблеми

За два месеци во Охридското Езеро биле фатени 7.000 метри диви рибарски мрежи. Државниот инспекторат за земјоделство соопшти дека само во јануари и февруари годинава се запленети илјадници метри рибарска мрежа и 200 парчиња риба. Во меѓувреме, на почетокот на март МВР соопшти дека во Охрид на околу 1000 метри од езерскиот брег, полицијата пронашла рибарска мрежа со 119 охридски пастрмки, со вкупна тежина од 45.5 килограми.

„Државниот инспекторат за земјоделство има добра соработка со повеќе државни институции за спречување на нелегалниот риболов, а тоа посебно ќе го нагласиме со делови од МВР, поточно со Регионалниот центар за гранична контрола Запад и Езерската полиција во Охридското Езеро.

Само во јануари и февруари 2022 година се запленети 192 рибарски мрежи во должина од 10.445 m. Одземената жива риба (пастрмка) се враќа во езерските води, за што е направена документација од МВР и Државниот инспекторат за земјоделство, а преостанатите риби се предадени на Агенцијата за управување со одземен имот. Сакаме да нагласиме дека Охридското Езеро повеќе од две години нема концесионер за рекреативен и стопански риболов, што значи дека во овој период се бара дополнителна заштита на езерото, што претставува реален предизвик за Државниот инспекторат за земјоделство и Министерството за внатрешни работи“, истакна Зоран Шапуриќ од ДИЗ.

Според законот за риболов и аквакултура ако нема концесионер за риболов на езерото, риболовот не е дозволен.

Според локалните експерти и рибари, ова е еден од главните фактори што ја отежнува состојбата со незаконскиот риболов во Охридското Езеро. Минатата година нуркачите на Охридското Езеро објавија ужасни слики од угинати пастрмки, заплеткани во рибарски мрежи. Велат дека сето тоа е резултат на незаконскиот риболов што се случува за време на зимското мрестење на јајцата од пастрмката, а дури и кога истата се размножува. Впрочем, сагата за масакрот од дивиот риболов на Охридското Езеро трае со години.

Аријан Мероли, за Порталб.мк, објаснува дека сезоната на забрана за риболов за видовите циприниди во Охридското Езеро е 30 дена, а за тоа време рибите ги несат јајцата. Овој период може да варира од година во година, како и од земја до друга, бидејќи истиот зависи од специфичните услови што ги има екосистемот од двете страни на езерото, но мора да се случи во временската рамка што ја одредуваат експертите за риболов. Исто така одредена е и минималната должина на телото што видовите мора да ја достигнат пред законски да биде дозволено да се ловат. Во табелите подолу се прикажани специфицирани податоци за Северна Македонија и Албанија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...