Јавна расправа за измените на Законот за урбанистичко планирање бараат 35 организации

Фото: Архива на Мета.мк

Министерството за транспорт и врски да организира јавна расправа за предложените измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање, бидејќи дел од предложеното може да предизвика долгорочни штетни последици врз природата и животната средина. Ова е барањето на 35 невладини организации, граѓански иницијативи, академски и научни институции од земјава, кое е испратено во дописот до надлежното министерство.

Повикувајќи се на Архуската Конвенција, организациите бараат да се организира најмалку една јавна расправа и да се овозможат дополнителни 10 дена по расправата за доставување коментари од страна на јавноста. Тие велат дека за предложените законски измени важат прописите од областа на животната средина, во кои јасно е наведено дека изработувачот на законот треба да одржи најмалку една јавна расправа, согласност Законот за животна средина.

35-те организации реагираат дека предложените законски измени овозможуваат урбанизација на селата во заштитени подрачја без проценка на влијанието врз животната средина.

„Меѓу селата за кои се усвоени/започнати општи акти се и село Скудриње во НП Маврово; селата Лагадин, Љубаништа и Елшани во Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион; итн.“, се наведува во дописот на овие организации.

Дополнително, тие критикуваат дека предложените измени и дополнувања на Законот овозможуваат автоматска трансформација на секаков тип земјиште во градежно, доколку истото е во рамки на урбанистички проект надвор од урбанистички план.

„Се дава можност земјоделското, шумското и крајбрежното земјиште во области вон населени места и вон плански опфати да се третира како градежно по автоматизам, без да се спроведе процес на пренамена регулиран со специфичните закони за различните типови на земјиште“, реагираат организациите.

Притоа, додаваат тие, урбанизацијата се дефинира сама по себе како дејност од јавен интерес.

„Оваа интервенцијаима потенцијал да направи пустош во нашата природа. На пример, Законот за шуми забранува копачење и трајна пренамена на шумите, освен под одредени услови, меѓу кои е и спроведување на дејности од јавен интерес. Со актуелниот закон не може да се уништи некоја шума за да се спроведе план/проект за урбанизација, со предложените измени се отвара оваа врата“, посочуваат 35-те организации.

Тие додаваат и дека со предложените законски измени и дополнувања се ускратува и оневозможува жалбениот механизам при одобрување на планските програми за урбанистичките планови, како и при одобрување на урбанистички проекти – наместо со решение (како поединечен акт), предвидено е овие програми и проекти да се одобруваат со потврда за заверка.

Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ пред неколку дена прво реагираше на планираните измени на Законот за урбанистичко планирање, а кон денешниот допис до Министерството за транспорт и врски се приклучија уште 34 организации.