Законот за Охридско Езеро ги крши меѓународните прописи, тврдат екологисти од „Фронт 21/42“

Екологистите реагираат дека усвојувањето на законот без претходно да се ревидираат зонирањето на езерото и дозволените активности во различните зони, е спротивно на препораката на Бернската конвенција, која е ратификувана од земјава

Фото: Мета.мк

Со усвојувањето на текстот на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата, Владата и Министерството за животна средина го прекршија домашното и меѓународното законодавство и постапија спротивно на Уставот, велат од еколошката организација „Фронт 21/42“. Тие се незадоволни и од изборот на ЈП „Колекторски систем“ од Охрид за управувачко тело на Охридското Езеро.

Екологистите реагираат дека усвојувањето на законот без претходно да се ревидираат зонирањето на езерото и дозволените активности во различните зони, е спротивно на препораката на Бернската конвенција, која е ратификувана од земјава и не може да се менува со закон.

„Во коренот на проблемот е Студијата за валоризација, која е основа на Законот за прогласување, а која не ги содржи законски обврзните информации, ниту го спроведува Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. За Студијата за валоризација на најстарото езеро во Европа не беше спроведено ниту едно истражување. За илустрација на содржината на Студијата ќе наведеме само еден факт – охридската пастрмка не е меѓу клучните видови за езерото“, посочуваат од „Фронт 21/42“.

Екологистите потенцираат дека мисијата на Бернската конвенција во април 2023 година потврдила дека предложените зони и дозволени и забранети активности се базираат на Студија со застарени податоци, во која се прикажува поинаква состојба на живеалиштата од реалната, поради што во декември лани, Постојниот комитет препорачал ревизија на најважните елементи на Студијата пред да се усвои Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата.

Пред два дена Владата го усвои текстот на предлог Законот за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III – споменик на природата по што за него ќе треба да се гласа во Собранието. Според информациите од Министерството за животна средина, Охридското Езеро се прогласува за Споменик на природата заради геоморфолошките и хидролошките карактеристики, исклучителните природни вредности како дел од Светското природно наследство на УНЕСКО и еден од најважните рефугиум центри на биолошката разновидност во европски и светски рамки.

„Со прогласувањето се овозможува заштита и зачувување на природната состојба на Охридското езеро преку заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и европско значење и заштита на другите природните вредности, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите“, посочуваат од Министерството.