!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ОЈО ги гони двајцата напаѓачи на Села за обид за убиство и побара притвор


Скопје, 10 мај, 2017 - 20:14 (META) 

Основното јавно обвинителство – Скопје информираше дека до овој момент биле идентификувани двајца напаѓачи на пратеникот З.С. за време на настаните во Собранието на 27 април.

Оттаму додаваат дека од досега прибавените докази, обвинителството оценило дека постои основано сомневање дека овие две лица, заедно со други, кои во овој момент не се идентификувани, го извршиле кривичното дело, обид за убиство.

„Надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против двете лица за наведеното кривично дело. Истовремено, по оценка на Јавното обвинителство, против осомничените неопходно е да биде изречена мерка за нивно обезбедување, поради што јавниот обвинител до судија на претходна постапка поднесе предлог за одредување притвор, бидејќи постојат сите законски основи за тоа“, информираат од обвинителството.

Полицијата рано утринава извршила претрес во домот на К.Ѓ. (39), а потоа го привела заедно со неговиот татко Ц.Ѓ. (68), под сомневање дека се едни од напаѓачите на пратеникот Зијадин Села во Собранието за време на насилното влегување на група граѓани во законодавниот дом.


Македонија го одбележува 9 Мај – Денот на Европа и на победата над фашизмот


Скопје, 9 мај, 2017 - 11:42 (META) 

Со повеќе од 30 настани, организирани и поддржани од Делегацијата на Европската Унија во Македонија, во соработка со повеќе амбасади, општини и организации, денеска во земјава се одбележува 9 Мај – Денот на Европа.

По тој повод, во 12 часот членовите на ЕУ Инфомрежата ќе организираат настани во Дебар, Охрид, Кавадарци, Гевгелија, Кочани, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Крива Паланка, Велес и во Куманово. Како што информираат од Делегацијата на ЕУ, станува збор за најразлични настани од спортот, културата, бројни дебати, предавања, натпревари и локални фестивали, чија цел е доближување на процесот на евроинтеграциите до граѓаните.

Централното одбележување ќе се одржи во Клубот на пратениците во Скопје, каде што ќе говорат евроамбасадорот Самуел Жбогар и вицепремиерот за евроинтеграции, Арбер Адеми.

На 9 мај 1950 година, Роберт Шуман го презентира предлогот за создавање на организирана Европа, како опција за одржување на мирот на европскиот континент. Предлогот познат како „Шуманова декларација“ се смета за почеток на формирањето на тоа што денес претставува Европската Унија. Првично, активностите се однесуваа на создавање заеднички пазар за јаглен и за железо на земјите основачи – Германија, Франција, Белгија, Италија, Луксембург и Холандија. Денес Европската Унија ја сочинуваат 28 земји членки, но со референдумот во Велика Британија и одлуката за излегување на земјата од ЕУ, бројот на членки ќе биде 27. Со Брексит, мигрантската криза, терористичките напади и со подемот на популизам, ЕУ се соочува со еден од најголемите предизвици од своето постоење. Македонија од 2005 година е земја кандидат за членство во Европската Унија.

Денеска со повеќе активности се одбележува и 9 Мај – Денот на победата над фашизмот. По тој повод, Амбасадата на Руската Федерација во земјава викендов организираше повеќе настани во Битола и во Скопје.

Во рамките на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот, Амбасадата на Русија организира полагање венци цвеќе пред Споменикот на загинатите партизани кај хидроцентралата „Матка“, а ќе бидат одржани и повеќе други културни настани.

На 9 мај 1945 година, Германија ја потпиша својата капитулација во Втората светска војна, во која животите ги загубија повеќе од 50 милиони луѓе.


Македонија го одбележува Светскиот ден на водите


Охрид, 22 март, 2017 - 11:40 (META) 

Денеска, според календарот на Обединетите нации, се одбележува Светскиот ден на водите. Обединетите нации го признаа правото на вода како елементарно човеково право.

Со повеќе манифестации, Светскиот ден на водите ќе биде одбележан и кај нас.

Министерството за животна средина и просторно планирање организира конференција на тема „Водата и отпадните води“, на која ќе се обратат министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети, раководителот на Одделот за оперативни работи во Делегацијата на ЕУ, Мауро ди Вероли, и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предвидува атрактивно нуркање во водите на езерото Матка од страна на членови на Нуркачкото друштво „Врело“ и хидрометриски мерења на реката Треска, додека Институтот за јавно здравје, најави „Саем на вода“, пред Домот на АРМ во Скопје.

Амбасадата на САД во Македонија организира тркалезна маса на која ќе се говори за Дримскиот процес/проект и за заштитата на Охридско Езеро.

Водата е основата за постоењето на живот на планетата Земја, а чистата вода за пиење и за одржување на хигиената е неопходна за одржување на животот и на здравјето на целиот жив свет. Сепак, правото на вода не е еднакво достапно за секого. Приближно 900 милиони луѓе во светот немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење, додека 2,5 милијарди луѓе немаат нормални услови за одржување на својата хигиена.

Експертите алармираат дека до средината на овој век дури седум милијарди луѓе ќе бидат соочени со недостиг од вода бидејќи бројот на жители на Земјата се зголемува, а водените ресурси се намалуваат.

Помалку од 1 отсто од водата на Земјата е употреблива за пиење. Како што се зголемува бројот на населението во светот, се зголемуваат и потребите од вода за пиење.

До 2025 година две третини од човештвото ќе почувствува сериозен недостиг од вода, предупредуваат експертите од Обединетите нации.


Денеска почнува „Вевчанскиот карневал“


Струга, 10 јануари, 2017 - 11:07 (META) 

Годинешниот „Вевчански карневал“ почнува денеска со културни настани предвидени за оваа манифестација.

Програмата денеска е во знакот на одбележувањето на верскиот празник Свети Василиј Велики, заштитник на вевчанските василичари и на Вевчани, додека формалниот почеток на карневалот е в четврток.

Денеска, со почеток во 17 часот, во Клубот на пензионери во Вевчани ќе се одржи трибина на тема „Перспективите на руралниот туризам во Република Македонија со осврт на општина Вевчани“. Утре ќе биде извршена промоција на романот „Пред шарени врати“ од Косте Шутиноски.

Изложбата на слики од академскиот сликар Ниче Василев ќе биде отворена на 12 јануари (четврток) во 12 часот, во Клубот на пензионери.

Забавниот дел ќе почне на 12 јануари во 21 часот, со настап на домашните групи „ДНК“ и „Нокаут“, а пред полноќ ќе се претстави групата „Фрајле“ од Србија.

На 13 јануари, во 21 часот, присутните ќе ги забавува фолк-пејачката Анета Наковска, додека православната Нова година ќе биде пречекана со настапот на вевчанецот Ефто Пупиноски.

Традиционалното дефиле на маските ќе се одржи на 13 јануари, по 14 часот.

Карневалот завршува на 14 јануари, со традиционалното палење на маските.


Весела владина математика: 49+10+5+3 или 49+10+5+3+2 или 51+10+2 или 51+10+3+2?


Скопје, 26 декември, 2016 - 11:48 (META) 

Откако Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека и по прегласувањето во Теарце, соодносот во новиот собраниски состав меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ останува 51 – 49, почнуваат да течат роковите за формирање нова влада, но и да се прават извесни комбинаторики и математички формули, кои сите како суштинска ја имаат бројката од најмалку 61 пратеник.

Во очекување на официјалните и конечни резултати, партиите на вонредните парламентарни избори ги освоија следниот број мандати, односно пратенички места:

ВМРО-ДПМНЕ – 51; СДСМ – 49; ДУИ – 10; Движење Беса – 5: Алијанса за Албанците – 3 и ДПА – 2.

Ако се има ова предвид, можни (и веројатни) се најмалку четири сценарија:

  1. Владина коалција меѓу  СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците со мнозинство од 67 пратенички места во Собранието (49+10+5+3);
  2. Влада со СДСМ, ДУИ, Беса, Алијансата на Албанците и ДПА со 69 пратеници (49+10+5+3+2);
  3. Влада со ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА со мнозинство од 63 пратеници (51+10+2);
  4. Влада со ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијансата на Албанците со 66 пратеници ( 51+10+3+2);

Ова е „веселата“ математика и можните комбинаторики за евентуална владина коалиција, при која треба да се има предвид дека од Движењето Беса досега категорично изјвуваа дека во никој случај нема да коалициираат со ДУИ.

Во саботата, на иницијатива на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, партискиот врв одржа средба со претставниците на Алијанса за Албанците, на која иако беа повикани, не дојдоа лидерите на Беса и на ДПА. На средбата требаше да се договори заедничка платформа на сите албанските партии со која тие ќе влезат во преговорите со партиите од македонскиот блок за идна владина коалиција.

Според информациите, Ахмети неделава повторно ќе се обиде да ги собере сите албански партии, кои освоија пратенички мандати, а од средбата евентуално би произлегла заедничката платформа со барања албанскиот да стане втор официјален јазик во цела држава, редефинирање на уставно-правниот поредок, консензуално одлучување за сите битни општествени и политички прашања, рамномерна распеделба на буџетот, продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинитество и целосна имплементација на препораките од Прибе.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во петокот минатата недела ги повика албанските партии што имаат освоено пратенички мандати во Собранието да не коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ и со нејзиниот лидер, Никола Груевски, бидејќи, во спротивно, тоа би значело поддршка на режим и на диктатура, наспроти волјата на мнозинството граѓани.

Заев неколкупати изјави дека на изборите победил концептот на СДСМ, за демократски промени во државата и дека Македонија „ќе добие влада што ќе работи во интерес на сите граѓани во државата“, притоа отворено алудирајќи дека тој ќе биде новиот премиер.

Идентични тонови доаѓаат и ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека тие се победници на изборите и остануваат „посветени на идните чекори околу формирање нова влада“, за чие составување, како што претходно соопштија оттаму, мандатот му припаѓа на лидерот на партијата, Никола Груевски.


Тодоров најави викенд за трибини, собири и за партиски настани


Скопје, 14 октомври, 2016 - 13:31 (META) 

„Политичката криза во нашата држава трае предолго. Таа е наметната од опозицијата. Кризата предизвикува не само политичка штета, туку и економска. Го раѓа разбирливото чувство на загриженост и на несигурност кај граѓаните, а токму тоа е и целта на тие што ја предизвикаа – забавување на порастот, забавување на реформите, донесување деструкција и конфликти“, изјави денеска на прес-конференција Никола Тодоров, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тодоров најави повеќе настани што владејачката партија ќе ги реализира во наредните неколку дена.

– Наредните денови ќе имаме партиски настани, собири и трибини, на кои ќе се дискутира за нашите проекти, постигнувања, но и за генерални политики. Ова ќе биде викенд на отчетност и на реални проекти и дела. Карактеристично за нашата партија и тоа што нас нè прави поинакви од нашите политички противници.  Додека тие се занимаваат со смислување начини како да одбегнат избори или како да продолжат со деструкцијата и да ја продлабочат кризата, ние дискутираме за реалните проблеми на луѓето, на граѓанинот, што е и наша обврска како политичари, и се фокусираме на секојдневието на граѓаните, а не на маглата од негативизам што ја креира опозицијата. Ќе зборуваме за реалните проблеми на луѓето и за проектите што им помогнале во секојдневието. Тоа е наша обврска како политичари, сè друго е една вештачка димна завеса, која низ историјата ќе исчезне, а ќе останат само делата и проектите што се реализирани и кои се одраз на нашите политики и на макотрпната работа и посветеност – истакна Тодоров.

Нови работни места, инвестиции во инфраструктурата, проекти, реформи во здравството, во образованието, зголемување на пензии и на плати, проекти за млади, субвенции за земјоделците се само дел од она што е спроведено и за што ќе се зборува на партиските настани овој викенд, најави Тодоров.

Свое обраќање и дискусии, како што посочи тој, овие три дена ќе имаат политичари од ВМРО-ДПМНЕ, но и експерти и луѓе кои се надвор од политиката.

– Ќе зборуваме за нашите примарни определби, подобриот стандард, нови работни места, за тоа како да ја зголемиме уште повеќе бројката на нови работни места. Ќе дискутираме за земјоделството, културата, спортот, за поддршката на социјално ранливите категории граѓани, за здравството, за здравата животна средина – истакна Тодоров.


„Денови на Мајка Тереза“ од 4 до 11 септември


Скопје, 26 август, 2016 - 13:27 (META) 

Градоначалникот Коце Трајановски, директорката на комисијата на верските заедници, Валентина Божиновска, и бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, денеска ја презентираа низата настани што ќе се одржат во чест на прогласувањето на Мајка Тереза за светица.

„Деновите на Мајка Тереза“ ќе почнат на 4 септември (недела), кога и ќе биде прогласувањето за светица во Ватикан, а ќе траат до 11 септември.

Градоначалникот Трајановски најави дека Град Скопје со еден милион денари ќе ја помогне прославата.

– Јас сум горд што една таква голема жена е родена во нашиот град. Треба да земеме пример и да учиме од неа, како да им помагаме на сите што имаат потреба од помош – рече Трајановски.

Првиот настан – света литургија – ќе се одржи на 4 септември во Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје.

Од 5 до 11 септември во Скопје ќе има серија хуманитарни активности, а централната манифестација ќе се одржи на 11 септември, недела, во нејзиното родно место, на плоштадот Македонија, кое ќе се прогласи за светилиште.

Централната манифестација во Скопје ќе ја предводи кардинал – пратеник на папата.

Организатор на прославата е Скопската бискупија, а покровител е претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

На прес-конференцијата не беше дозволено да се поставуваат прашања надвор од програмата.


Скопје ја одбележува 53-годишнината од катастрофалниот земјотрес


Скопје, 26 јули, 2016 - 10:26 (META) 

Скопје денеска ја одбележува 53-годишнината од катастрофалниот земјотрес, кој се случи на 26 јули 1963 година, а во кој животите ги загубија 1.070 луѓе и 3.000 беа повредени.

По повод одбележувањето на годишнината, делегација на Собранието на Република Македонија, составена од пратениците Драган Данев, Владанка Авировиќ и Софија Куновска во 10 часот ќе положи венец свежо цвеќе на гробиштата во Бутел.

Во исто време, на гробиштата во Бутел пред Споменикот на загинатите во катастрофалниот земјотрес венци свежо цвеќе ќе положат и официјални делегации и претставници на повеќе државни и локални институции.

Како што информираат од Град Скопје, денеска во Културно-информативниот центар Скопје, од 9 до 17 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на град Скопје и изложба на фотографии.

Во Младинскиот културен центар во 20 часот ќе почне „МКЦ за Скопје“, настан со кој ќе биде одбележана 53-годишнината од скопскиот земјотрес, а ќе биде отворен со изложбата „Скопје 63 – Хроника на една катастрофа“ на хрватскиот фотограф Бошко Фржоп. Во рамките на настанот ќе бидат прикажани и пет кратки филмови на скопските режисери Игор Иванов Изи, Вардан Тозија, Даријан Пејовски, Ѓорче Ставревски и Марко Ѓокович. За крај на вечерта се планирани настапите на групите СИЗ, „Штутгарт онлајн“ (Stuttgart Online) и „Ју“ (You).

Во 20 часот во Музејот на град Скопје градоначалникот Коце Трајановски ќе им се обрати на присутните и ќе ја отвори изложбата „Скопје 1963 – Виртуелни изложбени тури“.

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на денешен ден во 1963 година, во 5.17 часот. Во потресот, кој беше со јачина од 9 девет степени по Меркалиевата или шест според Рихтеровата скала, со епицентар на плоштадот Македонија, беа урнати речиси 16.000 станови, околу 28.000 беа оштетени, а повеќе од 200.000 лица останаа без покрив над глава.

Скопската трагедија предизвика вознемиреност и шок во целиот свет, кој истовремено искажа и голема солидарност и ангажираност во справувањето со последиците од земјотресот.

Хуманитарните организации во светот почнаа со собирање помош за настраданиот град, а Скопје стана град на светската солидарност.


Струшки книжевни средби: „Книжевна далга“ за Олга Лалиќ-Кровицка 


Струга, 10 јули, 2016 - 12:41 (META) 

Со доделувањето на наградите, синоќа во Струга заврши шестата по ред манифестација „Струшки книжевни средби – 2016“.

Лауреат на големата награда „Книжевна далга“ за 2016 година е Олга Лалиќ-Кровицка од Полска, додека меѓународната награда „Струшко слово“ им припадна на Виолета Димова (Македонија) и на Ѓорѓе Добре (Романија).

Наградите ги доделува редакцијата на ревијата за книжевност „Бранувања“.

Покрај во Струга, одделни настани имаше и во Вевчани и во Охрид. На Вевчанските извори се одржа Меѓународно поетско матине, а свои песни читаа поети од Македонија, Албанија, Бугарија, БИХ, Полска, Романија, Словенија, Србија и од Хрватска.

Поставена беше и изложбата на Христо Петрески – „Луѓе и птици“.

Беседа на тема 155 години од излегувањето на Зборникот на македонски народни песни (1861-2016) во чест на браќата Миладиновци, одржа Хрвојка Михановиќ-Салопек од Хрватска.

Во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга се одржа и настанот „Книжевна пловидба“.


Пелагониските општини се подготвени да го спасат „Бит фест“ на градоначалникот Талески


Битола, 6 јули, 2016 - 11:55 (META) 

Пелагониските општини Новаци и Демир Хисар се подготвени да ѝ позајмат културни настани на Битола, откако поради притворот на градоначалникот Владимир Талески, годинава не почна културното лето „Бит фест“.

По десет години од најдолгото културно лето, градот на клавирите и на конзулите останува без стотиците културни настани поради актуелните случувања во општина Битола со градоначалникот Талески и со секретарот на Општина, кои се прво- и второосомничени во случајот „Транспортер“ за криминал со бесплатниот школски превоз.

Општина Новаци денеска го најави почетокот на „Културно лето Новаци 2016“, кое со бројни настани ќе трае сè до 26 август. Градоначалникот, Лазар Котевски, вели дека доколку Општина Битола тоа го побара од нив, тие се подготвени да репризираат дел од манифестациите.

– Кај нас ова лето ќе гостува групата „Синтезис“, предвидено е да настапи во дворот на црквата „Пресвета Богородица“, но доколку од Битола побараат, би можело оваа група да настапи и на Хераклеја – вели Котевски.

Во најавата за културното лето стои дека предвидено е распределување на културните содржини на повеќе локалитети во Општина Новаци и веќе вторпат во малку поодалечени села Гермијан, Агларци и Градешница, а не само во централното подрачје на општината, за да се создадат услови за рамномерен културен развој.

Од Општина Демир Хисар, пак, велат дека можат да посредуваат дел од настапите на демирхисарското културно лето и на манифестацијата „Топол културен бран во Демир Хисар 2016“ да се дисперзираат во Битола, доколку за тоа се подготвени и изведувачите. Културното лето во Демир Хисар почнува на 7 јули и ќе трае до 7 септември.

– Можеме да посредуваме дел од нашите културни настани, во текот на ова лето да се повторат и во општина Битола. Имаме џез-концерт на Сашо Поповски и квартет, стендап-комичари од Битола и од Охрид – вели Благој Шундовски, портпарол на Општина Демир Хисар.

Во Општина Битола официјално сè уште молчат за тоа зошто не почна единаесеттото издание на „Бит фест“. Дел од фестивалите во градот почнаа без поврзаност со манифестацијата чиј покровител беше токму Талески, а при отворањето на „Битола Шекспир фестивал“ министерската за култура, Елизабета Канческа-Милевска, јавно му се заблагодари на Талески за унапредувањето на културата во градот.