Со цел спречување на ширењето на корона вирусот, Владата ги усвои протоколите за работа на библиотеки, музеи, галерии и изложбени простори. За сите нив и понатаму важи задолжително носење на заштитна маска, одржување на потребното физичко растојание, обезбедување честа дезинфекција на рацете при влез и во текот на настанот, како и редовно чистење и дезинфекција на средината/просторијата/објектот.

Ограничувањето на бројот на посетители во музеите, галериите и изложбените простори, согласно квадратурата на просторот, е 15 посетители на 100м² нето површина (површина предвидена за движење на посетителите, односно од бруто површината одземена површината на експонатите, мебел и друга опрема). Регулирање на бројот посетители во објектот, ќе се одвива така што, откако ќе влезе максимално дозволениот број на посетители, повторно ќе може да влезат нови посетители, откако претходно ќе излезе и последниот посетител или на еден излезен посетител може само еден посетител да влезе. Ќе има засилени сантирано-хигиенски мерки, се со цел редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите, а ќе има и присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на горенаведените мерки.

Условите и начинот за организација на настани пак, предвидуваат одржување на отворено и со 50 отсто од капацитетот на местото каде што ќе се одржува настанот. Во однос на публиката, при влез на секој посетител ќе му се мери температура и ќе биде задолжителна дезинфекција. Се препорачува бесконтактно набавување на влезници, а влезот нема да биде дозволен без маски.

На концертите ќе биде забранета продажба на пијалоци, со исклучок на експо саеми каде изложувањето на пијалоците би било во функција на дегустација или во случај на мобилно послужување, без шведска маса (корпоративни настани и прослави). Исто така, ќе се намали на капацитетот на местото каде што ќе се одржува настанот за 30 отсто, а ќе се зголеми и времетраењето потребно за влез и излез на посетители. За настаните на отворено ќе се овозможи соодветен простор за физичко растојание на посетителите, додека пак за затворените простори, да се овозможи седење преку едно седиште.

Организаторите на настани пак, ќе мора да бидат опремени со заштитна опрема, да обезбедат средства за дезинфекција и да ги користат за време на настанот. Тие се должни да мерат температура на членовите од организацискиот тим и на учесниците. Воедно, ќе треба да го намалат бројот на тимот кој ќе има контакт со изведувачите или учесниците на настанот, но и да го намалат бројот на тимот кој ќе циркулира помеѓу посетителите.

Организаторите исто така, ќе мора да го зголемат просторот помеѓу бината и првите редови на посетителите, но и да ги зголемат димензиите на бината за да се овозможи дистанца и помеѓу учесниците. Доколку просторот за организација на настанот овозможува, претставниците на акредитираните медиуми ќе имаат посебен влез и посебно место за лоцирање. Доколку не, за нив ќе важат истите насоки како и за публиката.

Заштитна опрема задолжително ќе мора да носи и физичкото обезбедување. Организаторите исто така се задолжени да ги објават мерките на сите ПР и маркетинг материјали за настанот, како и објави на социјалните мрежи.