ОНЛАЈН АНКЕТА: На најголем дел од забавите на кои присуствувале младите не се почитувале препораките за заштита од ковид-19

Една третина или 30 отсто од младите, учесници на онлајн анкетата на Мета.мк во соработка со Инстаграм профилот @studentarijamk, одговориле дека во последните триесет дена посетиле некаков настан во локал, нечиј дом или на отворено, а кој броел повеќе од педесет лица.

Според дадените одговори, испитаниците присуствувале на забави и настани организирани во локали во повеќе градови во државата, но најчесто споменувани се барови и клубови во Охрид, Скопје, Струга, Прилеп и Куманово. Голем дел од младите одговориле дека собирите со пријателите и роднините ги организирале во своите домови или дворови.

Дури 77,7 отсто од оние кои биле на некаков настан одговориле дека за време на одржување на собирот не се почитувале препораките за носење маска и одржување на дистанца. 22,3 проценти одговориле дека на настанот на кој присуствувале препораките од надлежните биле испочитувани.

Поделени се и чувствата на младите околу потенцијалното загрозување на нивното здравје за време на собирите. За време на настанот за своето здравје се загрижиле 56,5 отсто од испитаниците, додека 43,5 посто одговориле дека не добиле чувство дека тамошното присуство може да го загрози нивното здравје.

Додека кафе-баровите, рестораните и кафеаните работат со ограничени капацитети, за ноќните клубови сѐ уште нема препорака од Комисијата за заразни болести дека можат да почнат со работа.  Поголемиот број на млади, 77,8 отсто, се согласуваат дека е рано за отворање на ноќните клубови.

На прашањето: Дали сметате дека постои начин да се организираат забави во локали, а притоа настанот да биде безбеден за здравјето на посетителите, потврдно одговориле 49 проценти од испитаниците. Другиот дел, 51 отсто дале негативен одговор на ова прашање.

Прашањата за анкетата беа поставени оналјн на Инстаграм профилот @studentarijamk, а одговориле повеќе од 3.000 испитаници. Иако не станува збор за професионално спроведена анкета со репрезентативен примерок, сметаме дека резултатите даваат релевантна слика.