Култура на универзитетите! – утре почнува „Студентска музичка пролет“

Студентска музичка пролет
фото: Фејсбук

Утре почнува годинешното, четврто издание на „Студентска музичка пролет“ – настан кој изминативе години значително придонесува за збогатување на културниот живот на студентите преку организирање на настани од културата на самите универзитети.

Поради ситуацијата, манифестацијата годинава ќе биде со скратена програма, без концерти и рецитали, но тоа нема да го намали квалитетот на содржините, велат организаторите.

„Студентска музичка пролет“ е интердисциплинарен проект чија цел е универзитетите да прераснат и во културни центри на кои ќе се случуваат концерти, изложби и други културни настани.

Студентска музичка пролет
„Студентска музичка пролет 2019“ / фото: Фејсбук

Културата и уметноста не се резервирани само за одредена група на луѓе

Професорката Ивана Трајаноска од Универзитетот „Американ Колеџ“, која заедно со нејзината колешка Мира Беќар од Филолошкиот факултет при УКИМ се организаторки на проектот, вели дека интересот и ентузијазмот на студентите се причината поради која манифестацијата продолжува четврта година по ред, и покрај неповолните околности.

„Сметаме дека е неопходно настаните од културата да им се доближат на студентите, да опфаќаат содржини кои ги интересираат, но и кои ги поттикнуваат на проширување на интересите и ги запознаваат со современите текови во културата. Културата и уметностите не се резервирани само за студенти кои студираат сродни дисциплини, ниту пак културата и уметноста се само за одредена група луѓе. Затоа, нашето мото е: Култура на универзитетите!“, вели професорката Трајаноска.

Манифестацијата годинава ќе биде отворена со предавање на професорот Пјетро Деандреа од Универзитетот во Торино, Италија, кој ќе зборува за општествените и историските теми во музиката на Дејвид Боуви.

Годинава е планирано програмата да се одржи целосно онлајн – дел од настаните ќе можат да се проследат со претходна регистрација, а дел ќе бидат пренесувани во живо на Фејсбук страницата наменета за активностите на проектот. Таму ќе можат да се најдат информации за целосната програма и начините за следење на секој од настаните.

Студентска музичка пролет
Програмата на четвртото издание на „Студентска музичка пролет“ / фото: Фејсбук

Дел од „Студентска музичка пролет“ се и студентската трибина и дебата, кои претставуваат можност студентите од повеќе факултети и универзитети да се запознаат меѓусебно, да се вмрежуваат и да остварат соработки и учество во заеднички проекти.

„Студентска музичка пролет нуди можност за активно учество на студентите преку традиционалната студентска трибина и студентска дебата на кои студентите зборуваат за она што го создаваат и го претставуваат пред своите колеги студенти и гости; разговараат за музиката, за книжевноста, уметноста и за разни теми од областа на културата, науката и општеството кои нив ги интересираат или засегаат“, објаснува универзитетската професорка.

Преку работилници до поголема застапеност на интердисциплинарните истражувања во трудовите на студентите

„Студентска музичка пролет“ има за цел да промовира интердисциплинарни и трансдисциплинарни истражувања, при што преку работилници им се помага на студентите дополнително да ги развијат истражувачките вештини и да се запознаат со интердисциплинарниот пристап во истражувањата, појаснува Трајаноска.

„Секоја година каниме истражувачи од земјата и странство кои ги претставуваат своите интердисциплинарни истражувања и ги запознаваат студентите со различните можности кои ваквите истражувања ги нудат. На тој начин им помагаме на студентите да добијат идеи за своите истражувачки трудови, семинарски работи, дипломски, магистерски и докторски трудови, со цел интердисциплинарните истражувања кои вклучуваат уметности и хуманистички науки со други сродни или помалку сродни дисциплини, да бидат што позастапени“, вели професорката Трајаноска.

Таа додава дека студентите изминативе години посебно уживале во работилниците, трибините и дебатите, каде со радост ги споделувале своите уметнички подвизи или подзаборавени хобија.

„Сме имале студенти кои студираат на различни универзитети, различни дисциплини, а се споиле да создадат своја видео игра, вклучувајќи студент на јазици, информатичка технологија, аудиовизуелни уметности и музичка композиција. Се случувало студенти да бараат и да најдат бенд во кој би свиреле; да се охрабрат да продолжат или повторно да започнат да се занимаваат со пишување, свирење, музицирање по паузи од најразлични причини и слично“, забележува професорката.

Студентска музичка пролет
Од „Студентска музичка пролет 2019“ / фото: Фејсбук

Концертите, диџеј сетовите и рециталите, кои годинава не се најдоа на програмата, исто така биле одлично прифатени и посетени.

Трајаноска забележува дека нејзините студенти сè почесто изразувале желба за интердисциплинарни истражувања, па во изминативе неколку години темите на кои работеле значително се разликувале и биле далеку поинтердисциплинарни во пристапот и тематиката.

„Сето ова ни укажува дека нашиот труд дава резултати и нè мотивира да продолжиме понатаму со интересна и актуелна програма, со квалитетни и инспиративни гости и со нови идеи и концепти, пред сè во насока на вклучување на повеќе студенти во самата организација на настаните со што ќе имаат можност да се стекнат со вештини и за менаџмент во културата“, вели Трајаноска.

Настаните кои се дел од „Студентска музичка пролет“ се отворени за сите студенти од сите универзитети во земјата.

Изминатите три години манифестацијата беше поддржана од Министерството за култура и од неколку високообразовни институции. Годинава, „Студентска музичка пролет“ има поддршка од Град Скопје и Универзитетот „Американ Колеџ“.