ФОТО-ВЕСТ: Како изгледа првиот Студентски културен центар во земјава?

фото: Мета.мк

Студентите на најголемиот универзитет во земјава, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје утре ќе го добијат својот нов простор каде ќе можат да се дружат, работат, учат и да се забавуваат. Викендов се отвора Студентскиот културен центар (СКЦ), прв од ваков вид во државата, кој се наоѓа во палатата „Кузман“ веднаш до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.

Овој мултифункционален простор се подготвува веќе неколку месеци и младите овде ќе имаат можност да работат и учат, но и да уживаат во богата културна програма креирана од самите студенти на УКИМ, кои ќе управуваат со центарот согласно својата програма, дејствување и потреби.

Опремата и просторот на СКЦ ќе можат да ги користат сите студенти, без разлика на кој факултет студираат.

„Замислата е Студентскиот културен центар да биде новото место каде студентите ќе можат да работат заедно, да учат, да се вмрежуваат, другаруваат. Замислата на културниот центар е да даде повеќе простор на музичарите и младите уметници, односно на целата нова естрада којашто доаѓа и којашто треба да биде музичка авангарда во градот. Сметам дека вакви простори недостигаат, а потребата за младите и за студентите е голема. Студентскиот културен центар е прав погодок и доаѓа во вистинско време за студентите“, смета Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ), организацијата чиј проект е СКЦ.

Во однос на настаните, покрај тоа што СКЦ е отворено место за сите студенти поединечно, тој ќе биде наменет и за сите организации во составот на УКИМ, односно за сите факултетски собранија да можат да организираат настани, работилници, изложби, претстави и проекции на филм.

Идејното архитектонско решение за Студентскиот културен центар е на поранешните студентки на Архитектонскиот факултет во Скопје, Елена Настеска и Маја Попоска. Нивното решение победи на конкурсот што го објави Универзитетското собрание.

Инаку, во земјите од регионот, студентски културни центри функционираат со децении. Во Србија ги има неколку, лоцирани во речиси сите поголеми градови каде што има и факултети. Најстариот помеѓу нив, Белградскиот, е отворен пред повеќе од пет децении, во 1971 година.

И на младите во Скопје им недостасува едно вакво место, рече во интервју за Мета.мк поранешната претседателка на УСС УКИМ Ева Цветковска. Студентскиот културен центар беше токму нејзина идеја и еден од главните проекти на едногодишниот мандат. Таа смета дека понудата на културната програма во главниот град се подобрува, но недоволно.

„Скопје почнува да нуди сѐ подобра културна програма, но не доволно. И постоечката не е доволно отворена и достапна за сите. Има доста културни иницијативи, Младинскиот културен центар (МКЦ) во последните години работење навистина нуди супер културна програма за младите, доста млади ги обединуваат своите сили и знаење за што подобра музичка програма по локалите и дискотеките, но она што недостасува е сигурен и достапен простор кој ќе можат сите млади да го користат. Нашата идеја е СКЦ да биде токму тоа“, појаснува Цветковска.

Отворањето на Студентскиот културен центар во Скопје ќе се случи во сабота со почеток од 20:30 часот, со музичка програма и изложба на студенти од Факултетот за ликовна уметност.