Амбасадата на Република Италија ја одбележува 700-та годишнина од смртта на Данте Алигиери

Фото: Амбасада на Италија во РСМ

Оваа година се одбележува 700-та годишнина од смртта на Данте Алигиери, најголемиот италијански поет и книжевник, кој се смета за татко на италијанскиот јазик, информираат од Амбасадата на Република Италија.

„Писател на многу значајни дела напишани на италијански и латински јазик, но пред сè на монументалната поема „Божествена Комедија“, која претставува едно од најзначајните литературни дела на сите времиња во кое се раскажува за патување во задгробниот живот“, велат од Амбасадата.

Оттаму додаваат дека благодарение на Данте и на ова дело, напишано на италијански јазик, овој јазик се афирмираше како суштински елемент на идентитетот на италијанскиот народ, во тоа време разобединет, и успеа да заземе клучна улога во културниот живот на Европа во наредните векови.

За да му се оддаде чест на Данте, Амбасадата на Италија ќе организира бројни иницијативи коишто ќе започнат на 25 март, односно на датумот кога во светот се слави денот посветен на Данте (Данте ден).

Утре, во 17 часот ќе се одржи онлајн настан отворен за пошироката публика за време на кој ќе бидат презентирани аудио книга, реализирана во соработка со Институтот „Данте Алигиери“ во Скопје и Здружението „Флуктус“, со интегрален превод на македонски јазик на првиот дел од „Божествената Комедија“, Пеколот. Аудио книгата е достапна доколку се регистрирате на платформата www.samoglas.mk, а да учествувате на настанот обратете се на [email protected].

Распишан е конкурс организиран во соработка со Институтот „Данте Алигиери“ во Скопје наменет за македонски студенти за креирање на уметнички постер по повод 700-от јубилеј од смртта на Данте Алигиери. Информациите за конкурсот ќе бидат објавени на италијански, македонски и албански јазик на веб страницата и социјалните медиуми на Амбасадата на Италија и Институтот Данте Алигиери во Скопје.

Режисерот Лука Кортина ќе има излагање на тема популарноста на „Божествената Комедија“ во четиринаесеттиот век.Ќе следат семинари и работилници посветени на делата на Данте, организирани од страна на Универзитетот во Штип.