Патувачко кино на „МакеДокс“ во светиниколско и во велешко

Филмските проекции под отворено небо на годинашното Патувачко кино ќе се одржат во Свети Николе (8 септември), с. Горобинци (9 септември), Ерџелија (10 септември) и Мустафино (11 септември) во светиниколскиот регион

Фото: Патувачко кино, МакеДокс

Филмската програма на 14. Патувачко кино на „МакеДокс“ ќе се прикаже во два термини, од 8 до 11 септември во регионот околу Свети Николе, како и од 14 до 17 септември во велешкиот регион, објави Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“. Оттаму информираат дека годинава има два новитети на Патувачкото кино.

„Едниот настан се одржа на 26 август покрај реката Бабуна во близина на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“, каде беа прикажани два креативни документарни филмови и со што почна Патувачкото кино, додека вториот новитет ќе се случи пред филмската проекција во селото Теово на 15 септември, кога ќе биде промовиран музички албум на бард на македонската и екс-Ју музичката сцена“, информираат организаторите.

Филмските проекции под отворено небо на годинашното Патувачко кино ќе се одржат во Свети Николе (8 септември), с. Горобинци (9 септември), Ерџелија (10 септември) и Мустафино (11 септември) во светиниколскиот регион, додека во велешкиот регион на 14 септември ќе има проекција во с. Чашка, на 15 септември во с. Теово проследена со музичка промоција, на 16 септември во с. Богомила и на 17 септември во селото Горно Оризари.

Проекциите на сите локации почнуваат во 19.30 часот, а влезот е слободен.