Меѓународниот ден на младите со низа активности на Europe House во повеќе градови

Од алтернативна сцена и скејтбординг култура низ улиците на Крива Паланка до украинска уметност во Битола, онлајн квизови, работилници низ Велес и музички фестивал во Струмица - низа активности и настани на Europe Hose за Меѓународниот ден на младите

фото: Europe House Skopje

Мрежата на Europe House беше иницијатор на серија активности низ различни градови по повод Меѓународниот ден на младите, при што беше истакната енергијата и креативноста на помладата генерација, соопштија од Europe House.

Активностите започнале на 11 август со онлајн квиз организиран од Europe House Скопје, преку кој на младите им била понудена забава, но и можност за добитниците да бидат дел од овогодишното издание на фестивалот „Здраво Млади“.

Во исто време, во Крива Паланка се одржал „SkateWave: Youth Underground Unleashed“ – настан на кој учествувале учесници од повеќе градови, меѓу кои и од Куманово, Кратово и Скопје. Во текот на денот младите освен во скејтот, уживале и во креативното цртање на мурали и во звуците на диџејски сетови. Со ова дошла до израз и алтернативната сцена на градот, која преку музиката и уличната култура, дала можност за креативно изразување на младите од Крива Паланка.

Следниот ден, 12 август, настаните продолжиле во Битола каде тамошниот Europe House ја отворил изложбата „Пред да се стемни“ на уметницата Софија Чотирбок, нудејќи им на посетителите автентично аудио-визуелно искуство.

Подоцна, преку 615 Асоцијација, битолската чаршија одекнала со музика од фестивалот на алтернативна музика „SMOTRA“, информираат од Европската куќа. Два дена по отворањето на изложбата, се одржала и фото-работилница на две теми – Колективни мемории и трауми и Жените во уметноста, при што учесничките имале можност да бидат дел од процес на создавање на колективно дело, воедно и да се запознаат себеси.

Europe House Велес била организатор на музичката работилница „Beats“ каде уметниците имале можност да го покажат своето знаење и да ја едуцираат младата популација за процесот на создавање музика, а подоцна во текот на денот имале прилика да уживаат и во звуците на голем број локални музички артисти на концерт под мотото „Empower The Next Gen – Las Veles Vol. 1“. Притоа, младите од Велес, велат од Europe House, одиграле клучна улога во организирање на активностите.

Во Струмица, пак, се одржал Струмичкиот младински фестивал (Strumica YOUth Festival), кој се случува втора година по ред во организација на тамошниот Europe House со партнерите Центар за истражување и анализи НОВУС и Црвен крст Струмица. Настанот собрал над 150 млади, вклучувајќи и гости од земји како Италија, Полска, Грција и Романија. Денот бил надополнет со диџејски сетови, работилници за танц, артивизам и фотографски сесии, со што се истакнало значењето на соработката помеѓу невладините организации, институциите, локалната и странската младина.