!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Институтот за јавно здравје потврдил уште три случаи на мали сипаници


Скопје, 29 септември, 2017 - 16:40 (META) 

Институтот за јавно здравје информира дека во тек на денешниот ден лабораториски се потврдени уште три случаи на мали сипаници (морбили), со што вкупната бројка на заболени се зголеми на осум лица.

Од институтот информираат дека се работи за деца на возраст од три и пет години и за еден пациент на возраст од 27 години.

„Децата претходно не биле вакцинирани против морбили, вакцинирани се пред неколку дена во рамки на акцијата за вакцинирање на контакти и на невакцинирани лица, но сепак кај овие дечиња контактот со заболен бил неколку дена претходно, односно вирусот веќе бил во развојна фаза, додека за дадената вакцина против морбили потребни се повеќе денови за создавање имунитет. Возрасниот пациент не е претходно вакциниран, додека за време на акцијата за вакцинирање не бил присутен во областа. Сите се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести“, се вели во соопштението на институтот.

Пациентите, како што информираат, биле во непосредна роднинска врска со претходно заболените и живеат на територија на Општина Гази Баба, каде претходно беше прогласена и епидемија.


Вакцинирани околу 100 лица кои биле во близина на заболените од мали сипаници


Скопје, 25 септември, 2017 - 13:26 (META) 

Центарот за јавно здравје Скопје (ЦЈЗ) информира дека за време на викендот биле вакцинирни околу сто лица, кои биле во непосредна близина на заболените од мали сипаници (морбили) и кои не се вакцинирани или немаат потврда за вакцинација на територијата на Општина Гази Баба, каде од петокот е прогласена ограничена епидемија.

„Екипи од ЦЈЗ – Скопје и од Институтот за јавно здравје заедно вршат и дополнителна проверка на вакциналните картони и ги повикуваат невакцинираните или нецелосно вакцинираните деца. Воедно, наложено е на сите здравствени домови во државата, приоритет да им биде вакцинација, односно ревакцинација во училиштата против морбили, рубеола и паротит“, велат од Министерство за здравство.

Ортаму додаваат дека екипите за имунизација, доколку има потреба, на територијата на поедини подрачја ќе вршат и теренска вакцинација, заради наоѓање непријавени и воопшто невакцинирани деца на територијата на Град Скопје.

Во меѓувреме, нема пријавени нови случаи на заболени со морбили ниту клинички, ниту лабораториски, а петте претходно регистрирани случаи се во добра здравствена состојба.


Комисијата за заразни болести прогласи епидемија на мали сипаници во Гази Баба


Скопје, 23 септември, 2017 - 17:34 (META) 

Комисијата за заразни болести прогласи епидемија на морбили (мали сипаници) во Општина Гази Баба, откако пет деца се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести.

Најмалото дете има 12 месеци, а најголемото 11 години. Претседателот на Комисијата, Звонко Миленковиќ, вели дека три од нив имале висока температура и други компликации кои се појавиле пред осипот, но не се во критична состојба.

Надлежните информираат дека овие деца не ја примиле задолжителната вакцина МРП, а здравствените власти од понеделник ќе проверуваат колку деца не се вакцинирани, имајќи предвид дека вакцинирањето со оваа вакцина е намалено.

Од Комисијата за заразни болести апелираат до граѓаните да не ја одложуваат вакцинацијата, бидејќи малите сипаници можат да доведат до сериозни компликации, но и смртни случаи како што е случајот во Романија и други европски земји.

Во Македонија последен пат морбили се појавиле во 2014 година, кога биле заразени 110 лица.


Епидемија на морбили во Романија одзеде најмалку 17 животи


Букурешт, 12 март, 2017 - 11:57 (META) 

Најмалку 17 луѓе починале од морбили, во големата епидемија што ја зафати Романија, јавуваат балканските медиуми.

Поголемиот дел од заболените од морбили се регистрирани долж западната и југозападната граница, односно границите со Србија и со Бугарија.

Романскиот министер за здравство, Флориан Бодог, соопшти дека од појавата на првите случаи на болеста во септември минатата година досега се регистрирани околу 3.400 заболени. Поради тоа романската влада донесе одлука возраста за примање на вакцината против морбили да се намали од 12 на 9 месеци кај бебињата и препорача имунизирање на сите деца помали од 9 години.

Европскиот центар за превенција и за контрола на болестите пред неколку дена предупреди дека има „голема веројатност“ болеста од Романија да се прошири и во други земји.