Тројца нови заболени од морбили, до сега вкупно 493

Согласно најновите податоци од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, во текот на вчерашниот ден биле прегледани тројца пациенти со симптоми на морбили, од кои двајца возрасни пациенти биле пуштени на домашно лекување, а една 29 годишна пациентка со непознат вакцинален статус била хоспитализирана на клиниката информираат од Министерството за здравство.

„На Инфективната клиника во моментот се хоспитализирани 19 возрасни и 18 деца со морбили, односно вкупно 37 пациенти со морбили. Еден пациент се наоѓа во потешка состојба на одделот за интензивно лекување. Во периодот од 02.03 до 08.03.2019 година се пријавени вкупно 83 сомнителни случаи на мали сипаници, додека од почетокот на епидемијата во Скопје, вкупно се регистрирани 493 случаи на мали сипаници“, се вели во соопштението од Министерство за здравство.

До сега во Скопје се вакцинирале речиси 10 илјади лица, додека вкупен број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во државата изнесува 15.151 лице.

„Високиот одзив на вакцинацијата ќе придонесе за кревање на колективниот имунитет“, апелираат од министерството.

Од таму додаваат дека во текот на минатата недела во Институтот за јавно здравје се пријавени 2.678 случаи со симптоми на грип, што е за 16,5 отсто намалување во споредба со една недела пред тоа. Вкупниот број заболени од грип оваа сезона изнесува вкупно 15.201 лица.