fbpx

Државата не ги труе луѓето со вакцини, туку ги спасува од зараза

Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцините помагаат да се заштити вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозна штета или смрт, особено кај луѓе со неразвиен имунолошки систем како доенчиња

-

Објавата што ја анализираме неосновано, произволно и без никакви медицински докази и факти тврди дека вакцините биле отров и дека државата сакала да ги труе нејзините граѓани. Докази за ова не се понудени, за разлика од доказите и фактите кои говорат дека вакцините се безбедни и дека тие спасуваат илјадници животи. Државата никого не труе, туку презема мерки согласно Уставот и законите за заштита на населението од голема кашлица, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која произволно и без никакви медицински докази и факти тврди дека вакцините се отров и дека државата не труе со нив. Ова не е точно.

NEMA PREVARA NEMA LAGI DRZAVATA NE TRUE SO SILA NEMOŽEA MILUM NE MOŽEA SILUM
SEGA POCNAA DA VE LOVAT U MATNO, стои во објавата.

Објавата произволно и без никакви докази тврди дека државата сака да ги труе граѓаните со вакцини, притоа алудирајќи на ковид вакцините, како и на оние против пертусис. Антиваксерските објави особено беа засилени за време на ковид-пандемијата, а сега се повторно актуелни поради епидемијата на голема кашлица која здравствените власти ја прогласија на територијата на град Скопје.

Труење на луѓето нема, а најмалку од вакцини. Со досегашните пронајдени вакцини против многу болести, спречени се голем број на епидемии и искоренети се опасни заразни болести, со што се спасени и се спасуваат многу животи. Здравствените експерти, пак, постојано упатуваат на придобивките и безбедноста на  вакцините, наспроти огромните ризици од коронавирусот и големата кашлица.

Во објавата се тврди дека вакцините против ковид се отровни. Дека тоа не е вистина потврдуваат сите релевантни здравствени организации и институции од земјава и од светот. Во земјава против ковид се вакцинирани над 869 илјади граѓани. Доколку вакцините против ковид беа отровни, тогаш смртноста во земјава значително ќе се зголемеше, или пак, ќе имаше голем број на несакани ефекти коишто ќе беа пријавувани во МАЛМЕД и така ќе се сфатеше дека постои проблем со вакцините – што не се случи. Состојките во сите ковид вакцини се јавно достапни и не станува збор за контроверзни, а уште помалку за отровни состојки, туку за безбедни.

Вакцините против ковид-19 беа предмет на испитување и ќе продолжат да бидат предмет на најинтензивно мониторирање на безбедноста. Доказите од стотици милиони вакцини против ковид-19 кои веќе се администрирани во САД и милијардите вакцини администрирани глобално, покажуваат дека тие се безбедни и ефективни, пишува на сајтот на ЦДЦ.

Што се однесува до големата кашлица, односно пертусис, поради зголемениот број заразени, а согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари 2024 година прогласи епидемија во Скопје, информираа од Министерството за здравство за Вистиномер.

Претходно, Комисијата за заразни болести препорача на подрачјето на Скопје да се прогласи епидемија на голема кашлица со една од мерките, нецелосно или воопшто невакцинираните деца да не бидат примани во градинките. Согласно правилниците и законите кога станува збор за официјално прогласена епидемија, градинките веќе бараат потврда за целосна вакцинација со ди-те-пер вакцина за децата кои се на предучилишна возраст од Скопје.

Од понеделник (11.03.2024) невакцинираните или нецелосно вакцинираните деца со вакцината ди-те-пер нема да се примаат во градинките, информираа од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 8 март.

Откако Комисијата го предложи ова, на социјалните мрежи започнаа да се шират теории на заговор и повторно да се активираат антиваксерските движења.

Таква е објавата што ја анализираме која во ситуација на епидемија, без да понуди никакви факти и медицински докази, тврди дека вакцините биле отров.

Спротивно на изнесеното во објавата дека вакцините се отров, тие се многу безбедни. На веб-страницата на УНИЦЕФ посветена на вакцинацијата, во делот за прашања и одговори е наведено дека сите вакцини минуваат низ ригорозни безбедносни тестови, вклучително и клинички испитувања, пред да бидат одобрени за јавноста. Земјите регистрираат и дистрибуираат само вакцини кои ги исполнуваат ригорозните стандарди за квалитет и безбедност. Вакцините се исклучително безбедни, а сериозните несакани ефекти се ретки. Речиси сите реакции или непријатности по вакцинацијата се мали и привремени, како што е болка на местото на инјектирање или блага треска. Здравјето на детето е многу поверојатно да биде нарушено поради болест што може да се спречи со вакцина, отколку од вакцина.

Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцините помагаат да се заштити вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозна штета или смрт, особено кај луѓе со неразвиен имунолошки систем како доенчиња.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Вакцините кои се регистрирани во Македонија за заштита од овие болести, се истите што се користат во европските земји.

Секоја вакцина треба да се прими навремено, според календарот на имунизација за да се обезбеди најдобра заштита и имунитет. Пропуштена вакцина или одложена вакцина може да го изложи детето на висок ризик од опасни болести.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење, бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

Големата кашлица или пертусис е акутна заразна болест предизвикана од бактеријата „Бордетела пертусис“. Таа може да предизвика сериозен облик на болест кај сите возрасни групи, но најопасна е за новороденчињата и бебињата во првите два месеца после раѓањето до моментот на примање на првата доза на вакцина против пертусис. Главната карактеристика на болеста е кашлица во напади која може да трае со недели. Покрај кашлицата бактеријата може да предизвика компликации на респираторниот и нервниот систем кои може да остават трајни последици на мозочната функција и невролошкиот развој кај децата.

Компликации од пертусис може да се појават кај сите старосни групи на пациенти. Најтешки и понекогаш смртоносни компликации се јавуваат кај бебињата на возраст до 1 година. 7 од 10 смртни случаи од пертусис се јавуваат кај деца на возраст до 3 месеци. Најчесто се јавува кај бебиња и мали деца кои не се вакцинирани воопшто или имаат некомплетна вакцинација со една или две дози на вакцина од потребните три дози кои се примаат во првата година од животот. Кај доенчињата мозочните компликации може да предизвикаат трајни физички и психички пореметувања во развојот на децата.

Според Светската здравствена организација, пертусисот се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група. Првите симптоми вообичаено се јавуваат од 7 до 10 дена по инфекцијата. Тие вклучуваат блага температура, течење од носот и кашлица. Луѓето со пертусис се најзаразни до третата недела откако ќе започне кашлањето, пишува Дојче веле.

Најдобрата превенција против пертусис е вакцинација против ова високо заразно заболување. Тоа го потврдуваат и лекарите кај нас. Вакцинацијата започнува со навршени 2 месец кај бебињата, а продолжува со вакцини на 4 и 6 месеци, по што следуваат ревакцини на 15-18 месеци и 6-7 години со цел да се одржи заштитата.

Вакцините против пертусис се ефективни, но не се совршени. Вакцинираните индивидуи може да се заразат и да добијат клиничка слика на болеста, но истата поминува лесно, за неколку дена и ретко се појавуваат напади на кашлица.

Никој не сака со сила да труе никого, а најмалку државата. Здравствените власти преземаат мерки согласно законите и Уставот на земјата.

Препораката на Комисијата за заразни болести да не се примаат невакцинирани деца во градинките е во согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести во кој се предвидува задолжителна вакцинација за одредени болести, меѓу кои и голема кашлица.

Вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатитис Б, и хуман папилома вирус (ХПВ).

Во Законот за заштита на населението од заразни болести во членот 4 јасно е наведено дека:

Секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување.

Во Уставот на државата во член 39 јасно е наведено:

На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистинита. Неосновано, произволно и без никакви медицински докази и факти тврди дека вакцините биле отров и дека државата сакала да ги труе нејзините граѓани. Докази за ова не се понудени, за разлика од доказите и фактите кои говорат дека вакцините се безбедни и дека тие спасуваат илјадници животи. Државата никого не труе, туку презема мерки согласно Уставот и законите за заштита на населението од голема кашлица.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Правиме букви“ – утре детска работилница за фонтови во „Бруталиск“

Утре, в недела во 11 часот во КЦ Бруталиск се одржува бесплатна работилница за писма, фонтови и типографија за деца над шест годишна возраст. Под менторство на Небојша Гелевски...