fbpx

Филипче: Требаше да ни се случи епидемија, за да се освестиме (инфографик)

-

Точно половина година трае епидемијата на мали сипаници. Болеста се појави во декември во градинка во Радишани, по што беше прогласена епидемија на локално ниво, а кога доби поголеми размери, беше прогласена и во Скопје, а подоцна и на територија на целата држава.

Кога во почетокот беше констатирано дека илјадници деца до 14 годишна возраст не примиле вакцина против морбили, Министерството за здравство почна да презема низа мерки. Од оваа временска дистанца, работите се значително променети кога станува збор за вакцинацијата. Министерот Венко Филипче за „Мета“ вели дека е задоволен што рано беше прогласена епидемија врз основа на препораките на епидемиолозите.

– Со оглед на сите мерки кои се донесоа, кога почнаа да се појавуваат и автохтони жаришта кои не беа во врска со скопското, задоволен сум од бројот на вакцинирани кои претходно не беа вакцинирани, пред сe` во Скопје. За жал, на еден неубав начин, преку епидемија, нам ни се даде можност да укажеме на важноста на ова прашање, да укажеме што е тоа што не се почитувало досега, или што е тоа нешто што го немало а ние го сменивме. Една од мерките е забрана за прием без вакцинален картон во градинките, потоа и во училиштата. За жал на еден лош начин се подигна свеста кај граѓаните – вели министерот Венко Филипче за „Мета“.

За него епидемијата на морбили која трае повеќе од шест месеци, е трагедија.

– Ако човек има опција да се заштити и вакцинира, а има таква болест, е сепак трагедија. Кога би било нешто што не може да се спречи, би разбрал, бидејќи тогаш тој не може да влијае. Во секој случај, оваа епидемија отвори многу дебати, се зголеми јавната свест. Ми е драго што на ниво на Влада имаше одлука за забрана за запишување без вакцини во координација со министерот за образование и наука. За сите мерки добивме голема поддршка од Светската здравствена организација од нивниот сектор за имунизација. Ги консултиравме со оглед на нивната голема експертиза во оваа сфера, како и со сето она со кое можеме да се соочиме – додава министерот.

Во екот на епидемијата, на ниво на држава имаше четири смртни случаи. Во миниството најавуваат дека следуваат контроли на целокупната документација на запишаните првачиња, чии родители мораа да однесат и потврда за примени вакцини при уписот на училиште.

– Контрола ќе има, сакаме да направиме. Ќе се види дали сите деца имаат потврди. Така ќе се види дали има пропусти. Ако некаде нема потврда, тоа е сериозен прекршок и тогаш родителот се соочува со казна – вели Филипче.

Епидемиолозите предупредуваа дека бројката на невакцинирани е голема заради антиваксерите и нивните кампањи се базирани на погрешни информации.

– Јавноста треба да знае дека според статистиките на светско ниво, едно на 1.000 деца ќе добие воспаление на мозокот како компликација од болеста, а едно или две деца на 1.000 ќе почине како резултат на компликации од мали сипаници – вели д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Заклучно со последниот извештај на Институтот за јавно здравје за месец јуни, вакцинирани на ниво на држава се вкупно 30.406 лица, а вкупниот број заболени од почетокот на епидемијата е 1.891 лице.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...