Растат случаите на морбили во Европа, бидејќи децата помалку се вакцинираат

Во 2023 година имало 42.200 случаи на морбили во Европа, што е речиси 45 пати повеќе од 941 случаи во 2022 година

Извор на фотографија: Министерство за здравство

Во 2023 година биле забележани 42.200 случаи на морбили во Европа, што е речиси 45 пати повеќе од вкупно 941 случаи во 2022 година, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Според СЗО, порастот е „застрашувачки“ и потребни се итни мерки, пренесува Би-би-си.

СЗО соопшти оти смета дека бројот на нови случаи на морбили е последица на тоа што помалку деца се вакцинираат, како последица на ковид-19 пандемијата.

Според Националната здравствена служба (НХС) во Обединетото Кралство, повеќе од 3,4 милиони деца во Англија не се вакцинирани против морбили. НХС дополнително предупреди за зголемен број на случаи во регионот Западен Мидлендс, што може брзо да се рашири и до поголемите градови.

„Не само што забележавме драстично зголемување на случаите на морбили, туку и речиси 21.000 хоспитализирани луѓе како и пет смртни случаи поврзани со морбили. Ова е загрижувачко“, изјави д-р Ханс Клуге од СЗО.

Заболувањето со морбили може да има сериозни последици на која било возраст. Често започнува со висока температура и осип, но компликациите може да вклучуваат пневмонија, менингитис и слепило.

Најризични категории се бебињата кои се премали за вакцинација, тие со послаб имунитет и бремените жени. Кај трудниците, сипаниците може да доведат до раѓање на мртво дете, спонтан абортус и раѓање на бебе со намалена тежина.

Вакцината против морбили се прима во две дози, една на околу една година, а втората на околу три години и четири месеци. Таа се прима во комбинираната МРП вакцина, која му помага на имунолошкиот систем да се бори против морбили, рубела и паротитис.

Стапката на вакцинација за првата доза на МРП вакцината се намалила од 96 отсто во 2019 година на 93 отсто во 2022 година низ цела Европа. Стапката за примена втора доза паднала од 92 на 91 отсто во истата временска рамка. Односно, околу 1,8 милиони деца не се вакцинирале против морбили во тој период, што СЗО смета дека е последица на скепсата против вакцините, која беше драстично зголемена за време на ковид-19 пандемијата.

Скепсата околу МРП вакцината започнува 1990-те години, кога британскиот доктор Ендру Вејкфилд излегува во јавноста со тврдење дека истата предизвикува аутизам. Оттогаш, сите други автори на студијата која наводно ја докажува корелацијата меѓу аутизмот и МРП вакцината ја повлекле својата подршка за резултатите на студијата и дополнителни студии не успеале да ги повторат резултатите на истата. Дополнително, дозволата за работа на Вејкфилд била одземена откако било утврдено дека тој имал финансиски конфликт на интереси (патентирал своја вакцина против морбили) и дека не постапувал етички за време на студијата.