Во период од една недела, пријавени се вкупно 63 случаи на мали сипаници кои биле лабораториски потврдени. Од вкупниот број на новозаболени лица, 29 случаи се од Скопје, а речиси 80 отсто од нив се невакцинирани. Освен од Скопје, пациентите се од Куманово, Тетово, Велес, Струга, Гевгелија, Виница и Кратово.

– Од почетокот на епидемијата во Скопје (3 јануари), регистрирани се вкупно 555 случаи на мали сипаници на ниво на држава од кои 439 епидемиолошки се поврзани со епидемијата во главниот град. Активни епидемии на мали сипаници во моментот има во Скопје, Тетово, Куманово и во Гевгелија – информираат од Институтот за јавно здравје.

На Клиниката за инфективни болести информираат дека синоќа, прегледани се петмина пациенти со морбили од кои двајца се хоспитализирани.

– Се работи за едно осуммесечно бебе од Сарај и уште едно шестмесечно бебе од Студеничани. Децата не се вакцинирани. Амбулантски се проследени и тројца возрасни, двајца на 41 година од Ѓорче Петров и од Зелениково, невакцинирани, и уште еден 56 годишен пациент од Чаир за кој нема податок за примени вакцини. На клиниката има 24 возрасни и 18 деца, односно вкупно 42 пациенти заболени од морбили. На одделот за интензивно лекување има еден пациент во потешка состојба а на одделите има четири деца и двајца возрасни со потешка клиничка слика – информираат на Клиниката.

Вкупниот број на вакцинирани деца до 14 годишна возраст во Скопје кои подлежат на вакцинација со првца или втора доза изнесува 10.516 лица. Вкупниот број на вакцинирани деца до 14 годишна возраст со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата држава изнесува 16.164.