!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ѓукановиќ: Малите земји страдаат од товарот на наследената економска неразвиеност


Скопје, 17 февруари, 2017 - 15:03 (META) 

Клучниот проблем што малите држави не се развиени е тоа што со себе носат длабоко наследство од економска неразвиеност, смета црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ кој денеска учествува на тркалезна маса на тема „Позицијата на малите земји во меѓународната економија – предности и недостатоци“ која што ја организира Стопанска комора по повод 95-годишнината од коморското организирање во Македонија.

Тој додаде дека земјите од Западен Балкан имаат 33 отсто од европскиот просек на домашен бруто-производ.

Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ истакна дека мора да се најде нова парадигма во соработката помеѓу помалите земји, бидејќи ако тие соработуваат ќе бидат подобро прифатени од големите земји кои носат стратешки одлуки.

Александар Влаховиќ, кој е главени организатор на бизнис-форумот Копаоник, во регионот познат како „српскиот Давос“, рече дека за една мала земја да биде економски просперитетна треба да има реформи во јавниот сектор и добро дефинирана и јасна визија за политиката.

– Политичарите не треба да собираат политички поени и да гледаат од денеска за утре туку да имаат јасна визија и реформи кои можеби негативно ќе се одразат краткорочно, но долгорочно ќе бидат од корист за граѓаните. Посебно вниамние треба да се обрне на малите и средни претпријатија кои се моторот на економијата – истакна Влаховиќ.

Хрватскиот милијардер Бранко Роглиќ, чијашто фирма  „Орбико“ е водечки дистрибутер во Европа, изјави дека извозот на малите земји во регионот е неконкурентен бидејќи државните буџети на земјите во регионот за две децении се трипати зголемени.

– Таа државна бирократија е прескапа за плаќање. Решението е мала и ефикасна администрација – додаде Роглиќ.

На тркалезната маса која денеска се одржува  во хотелот „Александар Палас“ се зборува за поврзување на малите земји се со цел зголемен економски раст и зголемено вработување.

Мотото на настанот е „големите глобализираат, малите соработуваат“.

 


Ѓукановиќ и Месиќ утре на тркалезната маса по повод 95. години на Стопанска комора


Скопје, 16 февруари, 2017 - 10:28 (META) 

Тркалезна маса на тема „Позицијата на малите земји во меѓународната економија – предности и недостатоци“ ќе организира Стопанска комора по повод 95-годишнината од коморското организирање во Македонија.

На тркалезната маса која почнува утре во хотелот „Александар Палас“ во 11 часот, ќе учествуваат домашни и странски реномирани претставници од научната и стручната јавност, сегашни и поранешни претседатели и премиери на држави од регионот, како и повеќе звучни имиња од бизнисот.

Меѓу учесниците се црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, хрватскиот милијардер Бранко Роглиќ, српскиот бизнисмен Миодраг Костиќ, македонските бизнисмени Светозар Јаневски, Кочо Анѓушев, економскиот експерт Владимир Глигоров и други.

Оперативниот директор на Стопанска комора на Македонија, Елена Милевска Штрбевска за „Мета“ вели дека 95 години се години за респект и години на работа кои треба достојно да се одбележат.

– Темата за тркалезната маса која ја организираме на нашиот јубилеј е всушност резултат на двегодишна работа на формулирање и развивање на една значајна инцијатива, а тоа е иницијативата за поврзување на претприемачите од малите земји. Иницијативата ги надмина првичните цели отворајќи ги клучните и темелни прашања: каква е позицијата на малите земји во поголемите интегративни процеси, дали процесите во малите земји имаат посебни карактеристики, дали тие можат да се сублимираат на едно место и дали некој се занимавал со овие прашања? Така дојдовме и до оваа иницијатива за подобрување на економските можности на бизнисите од малите земји – изјави Милевска Штрбевска.


Еден од уапсените во Србија, по меѓународна потерница од Црна Гора е условно ослободен


Белград, 13 јануари, 2017 - 20:27 (META) 

Вишиот суд во Белград денеска условно го ослободи Немања Ристиќ, еден од двајцата државјани на Србија што денеска беа упасени по меѓународна потерница која за нив ја распиша Црна Гора, поради сомнеж дека учествувале во обид за терористички напад на денот на изборите во Црна Гора.

Ристиќ е ослободен под услов да не го напушта Белград и да се јавува во полиција еднаш неделно, а доколку не ги почитува овие одредби, ќе му бидат изречени построги санкции.

Предраг Богиќевиќ, кој исто така беше уапсен денеска, останува во притвор.

Црногорското обвинителство на почетокот на декември минатата година распиша меѓународна потерница по нив и по уште двајца државјани на Русија. Тие се осомничени дека организирале криминална група која за изборниот ден планирала упад во собранието, апсење и ликвидација на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ.


Ѓукановиќ покрена проверка на довербата во Владата


Подгорица, 28 декември, 2015 - 17:03 (META) 

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ покрена иницијатива за проверка на довербата на Владата.

Владата ја прифатила одлуката, а Ѓукановиќ очекува дека иницијативата ќе биде испратена до Собранието најдоцна за 15 дена.

Ѓукановиќ вчера најави покренување на таква иницијатива.

– Ќе барам да се испита политичката доверба во Владата за да видиме дали таа во овој состав може да продолжи да функционира до изборите или ќе се соочиме со таа ситуација некој друг да има парламентарно мнозинство и да му препуштиме да формира влада – рече Ѓукановиќ.


Ѓукановиќ: Голем ден за Црна Гора, Западен Балкан и за НАТО


Подгорица, 2 декември, 2015 - 16:16 (META) 

Црногорскиот премиер, Мило Ѓукановиќ, оцени денеска дека поканата за членство во НАТО е важен ден за Црна Гора, Западен Балкан и за Алијансата и најави продолжување на реформите, зајакнување на владеењето на правото и зголемување на поддршката кај јавноста.

Според Ѓукановиќ, денешната покана за членство е историски и најважен датум од референдумот за независноста на Црна Гора од 2006 година. Тој истакна дека влезот во НАТО е „прашање од национален интерес, затоа што во Алијансата влегува цело општество“.

Црногорскиот премиер ја окарактеризира покаканата на Црна Гора и како важен ден за Западен Балкан и изрази уверување дека тој момент „ќе даде ветер во реформските едра и за интеграциските процеси во опкружувањето“.


Специјалната обвинителка на Црна Гора го завршила мандатот без ниту еден процесуиран предмет


Белград, 27 ноември, 2015 - 16:00 (META) 

Случајот „Маѓар телеком“ беше повод Црна Гора да формира специјално обвинителство. Меѓутоа, назначената специјална обвинителка сè што било политички проблематично го сместувала во фиока. Ова го вели црногорскиот антикорупционер Вук Мараш од Мрежата за афирмација на невладинот сектор во Црна Гора на конференцијата за корупција и за јавни набавки што се одржува во Белград.

– Од претходно имаме специјално обвинителство. Сега добивме нов обвинител. Само што госпоѓата специјална јавна обвинителка буквално сè што е проблематично го ставаше во фиока и не покрена ниедна постапка. Едноставно, со никого не се замери. Една многу удобна позиција кога не работиш ништо, односно не ја работиш својата работа. Сега дојде обвинител, кој најави дека овие работи ќе ги извади пред лицето на јавноста. Но, тоа е многу малку во однос на тоа што може да се процесуира – изјави Мараш.

Овој антикорупционер вели дека не очекува брза разврска на случајот, а дека Брисел ќе прави притисок, исто како и Амерканците, кои постојано повикуваат да се преземе досието со сомневање за корупција од Вашингтон.

– Кај странците има волја да се истера процесот. Но, сè ќе зависи од нашите органи. За жал, имаме рокови кои течат, а некои дела и застаруваат. И понатаму ја чекаме круната на тој случај, кој Американците одамна го препознаа, а тоа е дека органите треба да кажат која е сестрата, на кој висок политичар, која примила мито во случајот „Телеком“. Сите знаеме, цела нација дека тоа е сестрата на премиерот Мило Ѓукановиќ – изјави Мареш.

За разлика од Македонија, Црна Гора формираше комисија во собранието на Црна Гора да го испита случајот со утврдување на корупција, на што укажуваше комисијата за хартии од вредност на САД, а со години работи и специјалното обвинителство формирано за овој предмет. Но, и до ден денешен, соменавањата за вмешаност на високи владини финкционери во купувањето на црногорскиот „Телеком“ од „Маѓар телеком“ остануваат недокажани.