fbpx

Милатовиќ: Ова е историски ден, во следните пет години Црна Гора влегува во ЕУ

Милатовиќ порача дека ќе го трасира патот на земјата до ЕУ, ќе го врати меѓународното достоинство на државата и ќе им даде „ветер во грб на деполитизацијата и на зајакнувањето на институциите на системот“

-

По 32 години ротирање од претседателската на премиерската позиција и обратно, лидерот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) и актуелен претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ заминува во политичката историја. Во вториот круг од претседателските избори што се одржа вчера, Ѓукановиќ убедливо изгуби од противкандидатот на движењето Европа сега, Јаков Милатовиќ. Според прелиминарните резултати на Центарот за мониторинг и истражување (ЦЕМИ), Милатовиќ освои 60,1 отсто од гласовите, а Ѓукановиќ 39,9 проценти, јави Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ).

Новоизбраниот претседател Милатовиќ функцијата ќе ја преземе на 20 мај, кога истекува мандатот на Ѓукановиќ.

Претседателот во заминување синоќа му ја честиташе победата на Милатовиќ, порачувајќи му на идниот шеф на државата да биде успешен и достоен на довербата дадена од граѓаните, пренесе РТЦГ.

„Црна Гора избра, јас тој избор го почитувам и му посакувам да биде успешен претседател. Ако биде успешен претседател, тоа значи дека и Црна Гора ќе биде успешна“, порача Ѓукановиќ.

Тој додаде дека е многу важно Црна Гора да го направи и следниот избор на парламентарните избори што ќе се одржат на 11 јуни.

„Да се заштити честа и националниот интерес на Црногорците, мислам дека тоа го направивме сите овие години. Резултатите се резултати, некогаш на избори победувате. Победувавме многу долго. Покажавме одговорност кон Црна Гора, а ќе продолжиме и во наредниот период. Граѓанска, европска и мултиетничка Црна Гора останува моја преокупација, моја љубов и нешто на што ќе му бидам посветен цел живот“, заклучи Ѓукановиќ.

Јаков Милатовиќ синоќа вети дека ќе биде претседател на сите граѓани, опишувајќи го вчерашниот ден како „историски“. Тој оцени дека Црна Гора направила чекор напред и се збогувала со „застарениот режим на Ѓукановиќ“, јавува црногорски „Вијести“.

„Ја гледате моќта на заедничката Црна Гора. Затоа оваа победа е толку голема и толку историска. Се збогувавме со криминалот и корупцијата. Ова е историски ден за сите, ги поканувам сите достоинствено да славиме. Во следните пет години Црна Гора ќе ја воведеме во Европската Унија. Исто така, никогаш повеќе нема да има конфликти од Црна Гора кон која било земја од Западен Балкан и нашите соседи. Сакаме единство, хармонија и напредок во европскиот Западен Балкан“, рече Милатовиќ по победата.

Милатовиќ порача дека ќе го трасира патот на земјата до ЕУ, ќе го врати меѓународното достоинство на државата и ќе им даде „ветер во грб на деполитизацијата и на зајакнувањето на институциите на системот“.

„Ќе ставам фокус на економската дипломатија. Верувам дека со искуството стекнато во странство можам да го привлечам вниманието на успешни и реномирани инвеститори од целиот свет, чие присуство во Црна Гора досега, за жал, беше занемарливо. Во посебен фокус на моите меѓународни активности ќе бидат директните и содржински контакти со потенцијални партнери, со што Црна Гора за време на мојот мандат ќе ги надомести пропуштените прилики и ќе стане регионален инвестициски центар“, порача Милатовиќ.

Новиот црногорски претседател вети дека ќе се залага за рамномерен регионален развој, унапредување на животниот стандард и воспоставување на систем на вредности во кој „знаењето, трудот и стручноста прават разлика“.

Победата на Милатовиќ на претседателските избори беше очекувана, но Црна Гора влегува во фаза на неизвесност, оцени професорот по меѓународни односи на Универзитетот во Бостон, Веско Гарчевиќ за „Радио Слободна Европа“.

За движењето Европа сега, Гарчевиќ вели дека претставува политички играч кој не е ниту политички ниту идеолошки единствен, додавајќи дека во ова движење постојат луѓе кои се многу националистички настроени, но и такви кои имаат европска и евроатлантска агенда.

„Влијанието на Српската православна црква на политичкиот живот во Црна Гора ќе продолжи да се засилува бидејќи партиите кои ќе дојдат на власт во јуни, по парламентарните избори, ќе бидат отворени за такво влијание“, истакна професорот Гарчевиќ.

Според него, движењето Европа сега ќе продолжи да расте и најверојатно ќе победи на парламентарните избори во јуни.

„Најверојатно на парламентарните избори на 11 јуни, ДПС по првпат после 30 години нема да биде поединечно најсилната партија. Ако длабоко не се реформираат, можни се внатрепартиски поделби кои може да водат и до раскол во партијата“, рече Гарчевиќ за „Радио Слободна Европа“.

Коментирајќи како победата на Милатовиќ ќе се одрази на надворешнополитичкиот курс на Црна Гора, Гарчевиќ вели дека ЕУ и САД ќе му дадат време на движењето Европа сега за да видат за каков профил на партија станува збор.

Како што пишува црногорскиот јавен радиодифузен сервис, новиот црногорски претседател бил министер за економија и економски развој во владата на Здравко Кривокапиќ од 4 декември 2020 до 28 април 2022 година. Тој е првиот политичар кој успеал да го победи лично Мило Ѓукановиќ за првпат од 1991 година, кога Ѓукановиќ влегол во политиката.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата

„Членството во НАТО на сите членови на академската заедница- професори, истражувачи и студенти им отвора нова димензија на поддршка, на можност за соработка со колегите од сојузничките и партнерски...