Милатовиќ го победи Мило Ѓукановиќ на претседателските избори во Црна Гора

Тој е првиот политичар кој успеал да го победи лично Мило Ѓукановиќ за првпат од 1991 година, кога Ѓукановиќ влегол во политиката

Јаков Милатовиќ е новиот претседател на Црна Гора откако на денешниот втор круг од претседателските избори успеа да го победи досегашниот претседател Мило Ѓукановиќ. Врз основа на преброени 94 отсто од гласовите, Милатовиќ освоил 60,1 отсто од гласовите во вториот круг, додека за Ѓукановиќ гласале 39,9 отсто од граѓаните кои излегле на гласање, јавува Радио-телевизија Црна Гора врз основа на проекциите на изборните резултати од ЦЕМИ.

Претседателот на Државната изборна комисија, Никола Мугоша изјави дека на вториот круг од претседателските избори гласале 69,33 отсто од гласачите впишани во избирачкиот список. Право на глас на денешните избори имале 542.154 граѓани, пренесува Радио-телевизија Црна Гора.

Според податоците на Центарот за демократска транзиција, по преброени 100 отсто од гласовите на денешните избори, тие утврдиле дека Милатовиќ освоил 58,9 отсто од гласовите, додека Ѓукановиќ освоил 41,1 отсто од гласовите, јавува подгоричкиот весник Вијести.

Приврзаниците на движењето „Европа сега“, од каде доаѓа претседателскиот кандидат Јаков Милатовиќ, вечерва слават низ улиците на црногорските градови.

Како што пишува црногорскиот јавен радиодифузен сервис, новиот црногорски претседател бил министер за економија и економски развој во владата на Здравко Кривокапиќ од 4 декември 2020 до 28 април 2022 година. Тој е првиот политичар кој успеал да го победи лично Мило Ѓукановиќ за првпат од 1991 година, кога Ѓукановиќ влегол во политиката.