fbpx

Избори во Црна Гора: Мило прв, но сите други против него во вториот круг

Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 2 април, а уште сега се калкулира од каде ќе добијат дополнителни гласови двата кандидата Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ

-

Актуелниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ освои најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори што вчера се одржаа во Црна Гора. Сепак, предноста од над шест проценти во гласовите не му дава комоција на Ѓукановиќ пред вториот круг, бидејќи уште во првите часови по гласањето преостанатите претседателски кандидати изјавија дека ќе ги повикаат своите гласачи да не гласаат за него во вториот круг.

Според податоците на Центарот за мониторинг врз основа на преброени 99,5 отсто од гласовите, Мило Ѓукановиќ освоил 35,3 отсто од гласовите во првиот круг од изборите, додека неговиот противкандидат од движењето „Европа сега“, Јаков Милатовиќ ја добил довербата на 29,2 отсто од гласачите, пренесува подгоричкиот весник „Побједа“.

Кандидатот на Демократскиот фронт Андрија Мандиќ добил 19,3 отсто од гласовите, додека кандидатот на Демократите Алекса Бечиќ освоил 10,9 отсто од граѓаните кои излегле на првиот круг. За кандидатката на црногорските социјалдемократи, Драгиња Вуксановиќ-Станковиќ гласале 3,2 отсто од гласачите, додека кандидатот на Обединета Црна Гора, Горан Даниловиќ освоил 1,4 отсто од гласовите.

Весникот „Побједа“ по броењето на изборните гласови анализира дека Мило Ѓукановиќ има шанси за победа во вториот круг, доколку ги добие потенцијалните гласови на дијаспората и општините со мнозинско албанско и бошњачко население во кои имало ниска излезност во првиот круг, како што се: Улцињ, Петњица, Рожаје и Тузи. Според податоците на Центарот за демократска транзиција, гласачкото право во првиот круг од изборите го искористиле 63,3 отсто од запишаните граѓани во избирачкиот список.

Вториот круг од претседателските избори во Црна Гора ќе се одржи на 2 април. Уште синоќа, двата кандидати што не влегоа во вториот круг – Андрија Мандиќ и Алекса Бечиќ излегоа на прес-конференција и порачаа дека нема да прават никаков сојуз со Мило Ѓукановиќ, додека Мандиќ директно ги повика своите гласачи да го поддржат Јаков Милатовиќ.

Подгоричкиот весник „Вијести“ анализира дека шансите на Ѓукановиќ да победи во вториот круг од претседателските избори му се многу мали. Весникот анализира дека актуелниот претседател освоил речиси 60.000 гласови помалку во споредба со претседателските избори во 2018 година, иако процентуално бројот на гласачи што излегоа на вчерашните избори е речиси идентичен на претходните избори.

Мило Ѓукановиќ доцна синоќа изјави дека добиените резултати од првиот круг се вреден резултат што го исполнува со задоволство и дека тоа е сериозна предност за во вториот круг во однос на второпласираниот кандидат.

Јаков Милатовиќ во синоќешното обраќање рече дека ќе го испрати Мило Ѓукановиќ во политичка пензија. Тој изјави дека на вчерашните избори победиле сите дискриминирани во Црна Гора, додавајќи дека очекува уште посилна поддршка во вториот круг од изборите што ќе се одржи на 2 април.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...