Изложбата „Асфиксија“ на Драган Божинов – уметнички поглед на аерозагадувањето

Фото: Јуроп хаус

Во саботата во Јуроп хаус во Скопје беше отворена изложбата „Асфиксија“ („Asphyxia“) на уметникот Драган Божинов. Она што ја прави оваа изложба уникатна е тоа што уметникот своите 33 изложени дела ги насликал со ПМ-10 честички, земени од надворешен прочистувач.

„Затвори очи, но, затвори и нос и уста, па замисли… замисли сивило. Тоа е она сивило од воздухот кое ни станува секојдневие и кое опасно, без најава и дозвола навлегува во сите пори на живеењето“, пишува во описот за изложбата, која во саботата привлече големо внимание кај скопската јавност.

Авторот Божинов е графички дизајнер. Она што го издвојува од другите е што тој црта со талог од кафе. Досега имал две самостојни изложби во Македонија. Изложбата е поддржана од кампањата Зелен Договор (Europe House) и општина Центар.